• сабота, 06 декември 2025

Татко на загинат во железничката несреќа во Грција штрајкува со глад пред грчкиот парламент, за МИА вели ќе оди до крај

Татко на загинат во железничката несреќа во Грција штрајкува со глад пред грчкиот парламент, за МИА вели ќе оди до крај

Атина, 18 септември 2025 (МИА)

Сања РИСТОВСКА – дописничка на МИА од Грција

- Пред грчкиот парламент, непосредно пред споменикот на Незнајниот војник, онаму каде што стотици туристи секојдневно ја следат промената на стражата на војниците од претседателската гарда, а веднаш зад просторот каде што се испишани имињата на жртвите во железничката несреќа пред повеќе од две и пол години, таткото на еден од загинатите, веќе четврти ден штрајкува со глад и во разговор со дописничката на МИА од Атина вели дека и покрај заморот, нема да се откаже.

На 28 февруари 2023 година при директниот суди на товарен и патнички воз кај месноста Темпи 57 лица загинаа, а меѓу нив и 22-годишен Денис, сега неговиот татко Панос Руци бара ексхумација на телото, но барањето неодамна беше одбиено од надлежниот истражител во Лариса, што доведе до одлуката во понеделникот да започне штрајк со глад.

Штрајкот со глад не е само за Денис, туку е за сите деца кои трагично загинаа, но и за правда за жртвите и за да нема ваква трагедија во иднина,е пораката на таткото. 

- Го бараме она што се подразбира, правда за нашите деца, за оние луѓе кои заминаа, ги убија. Од правосудството го бараме она што се подразбира, да си ја работи својата работа. Од прв момент единствено што сторија е да ги затрупуваат сите работи. Додека ние плачевме во болниците и ги баравме нашите деца, тие, мислеа само на затрупувањето. Немаа пари да го средат безбедносниот систем на железницата, но најдоа пари да го затрупаат местото на несреќата преку ноќ, вели Руци за МИА.

На Синтагма е од понеделникот, а секојдневно го посетуваат граѓани за да му изразат поддршка, не само во штрајкот со глад, туку и во неговата болка.

- Кај луѓето има бес и овој бес се гледа кога доаѓаат и ме прегрнуваат, ме држат за рака и ми зборуваат, а она што ми го кажуваат, нивната поддршка ми дава сила. Најтрогателно е кога ми се извинуваат. Постари луѓе. Ги прашувам зошто ми се извинуваат и ми велат „ние сме виновни што земјата стигна до овој степен“, објаснува таткото на 22-годишниот Денис, но и посочува дека е мала институционалната поддршка од политичарите, освен од некои лидери на левичарските опозициски партии.

Од вчера пак, штрајк со глад започна и Димитрис, кој не е поврзан со несреќата, не е роднина на некој од загинатите, но и тој има деца и сочувствува со болката.

- Господин Димитрис, што не е поврзан со нас, нема загубено негов близок во несреќата. Едноставно чувствува потреба да ме поддржи да биде со мене и за тоа сум му многу благодарен, посочува Руци.

Топлото време и силното сонце од изминатите денови, можеби го измачија таткото на Денис, но не го натераа да се откаже. Пред да си заминеме ни се заблагодарува за интересот и порачува дека ќе остане на Синтагма – до крај.

- Веќе почнувам да чувствувам замор, но ќе издржам и нема да се откажам, порачува Руци.

За железничката несреќа кај Темпи со 57 загинати, пред сè млади лица, во низа градови низ цела Грција, повремено се одржуваат протести, што најчесто се масовни, а роднините на жртвите бараат правда, додека пак судскиот процес сè уште не е започнат. ср/

Фото: МИА

Остани поврзан