• недела, 22 декември 2024

Тасевски за МИА: Се е подготвено за 63. издание на Струшките вечери на поезијата

Тасевски за МИА: Се е подготвено за 63. издание на Струшките вечери на поезијата

Струга, 21 август 2024 (МИА) - Се е подготвено за 63. издание на меѓународната манифестација „Струшки вечери на поезијата“ што од утре до недела ќе се одржува во Струга, вели во изјава за МИА директорот на Фестивалот Тодорче Тасевски.

Традиционално, Фестивалот почнува напладне со садење дрво и поетско читање во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златен венец“ за 2024 година, истакнатиот француски поет и драматург,  Жан Пјер Симеон. Официјалното отворање ќе биде вечерта во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ познат и како Дом на поезијата, со читање на Константиновата Т`га за Југ и палење на фестивалскиот оган, а ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Меридијани“. 

Директорот Тасевски најави специјално подготвена сценографија, која ги истакнува потенцијалите на сценскиот простор преку поврзување на главната со летната сцена. 

Во завршна фаза се подготовките на една од најстарите поетски манифестации во светот, Струшките вечери на поезијата, што традиционално секоја година се одржува последната недела во август. Љу

Покрај лауреатот, на 63-тите Струшки вечери на поезијата свои стихови ќе читаат и добитниците на наградите „Браќа Миладиновци“ македонската поетеса и книжевен теоретичар, Катица Ќулавкова, „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц, како и поетите Бенгт Берг од Шведска, Ана Хофман од Германија, Ѓокченур Челебиоглу од Турција, Галсансух Дежидмаа од Монголија....

Годинашното мото е „Допир на убавината“, со кое се оддава почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку неговата тактилност и релјефност со допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата. 

Во рамки на програмата предвидени се меѓународни поетски читања, како и поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024. Неизоставен дел се и портретите на добитниците на „Мостови на Струга“, „Браќа Миладиновци“ и „Млада Струга“, како и традиционално портрет на лауреатот во црквата „Света Софија“ во Охрид.

На програмата се и чествување на годишнините на петмина македонски поети и одбележување 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, 95 години од раѓањата на Гане Тодоровски и Матеја Матевски, како и традиционалното поетско кафе со поети од платформата Версополис. Ќе биде отворена и изложба на Литов Намдаг Јанчивин, почесен конзул на Монголија, по повод 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

Фестивалот завршува в недела на манифестацијата „Мостови“ на Мостот на поезијата, со поетски читања и врачување на највисоките признанија - наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“, „Браќа Миладиновци“ и „Млада Струга“ на годинашните лауреати Жан Пјер Симеон, Катрин Пиц, Катица Ќулафкова и Филипа Сара Попова. 

Поради активностите за поставување на сценографија утре во 15 часот ќе биде затворена за сообраќај улицата „Кеј „Борис Кидриќ“ пред платото на Центарот за култура, а в недела за свеченото затворање на манифестациата „Мостови“ во 12 часот ќе биде затворена улицата „Партизанска“. сс/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан