• петок, 22 ноември 2024

Судски совет: Наводите на ДКСК за непостапување во случајот со Мерко се неосновани

Судски совет: Наводите на ДКСК за непостапување во случајот со Мерко се неосновани

Скопје, 26 јуни 2023 (МИА) - Судскиот совет на Република  Северна Македонија ги оценува како неосновани и неаргументирани тврдењата на Државната комисија за спречување на корупција за наводно непостапување, па дури и прикривање во случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

- За прв пат ургенција од ДКСК до тогашниот претседател, Павлина Црвенковска е доставена на 4.06.2021 година заведена под број УПП 08 341/1, во која Судскиот совет се информира дека е оформен предмет  по нивна иницијатива  врз основа на наводи изнесени во медиумите  за постоење сомневање дека струшкиот градоначалник ја злоупотребил својата службена положба  при набавка на четири  автомобили за потребите на  општината со вкупна вредност  од 114.000 евра, стои во соопштението од Советот.

Дополнуваат дека во ургенцијата, ДКСК се осврнува и на двете решенија, донесени од ист судија, претседателот на Основниот суд  во Струга, Ифет Бајрамовски,

- Во ургенцијата, ДКСК  се осврнува и на двете решенија со број ППНИ  24/16 од 13.05.2016 и ППНИ 84/17 од 28.11.2017 година донесени од ист судија, Претседателот на основниот суд  во Струга Ифет Бајрамовски, кои како што тврдат, иако се темелат  на иста фактичка состојба и исти образложени причини, различно ја решаваат правната работа.Во првиот случај, барањето на должникот –општина Струга се одбива, додека со второто решение се усвојува.Во прилог на оваа ургенција е  доставена и претставка од ДКСК  од 18.11.2019  година, која е  насловена до тогашниот Претседател на Судскиот совет, Киро Здравев, дополнуваат оттаму.

Веќе на 10.06.2021, или само неполна недела по добивањето на ургенцијата, како што наведуваат, Судскиот совет испраќа известување до ДКСК  во кое се информира оваа институција дека во конкретниот случај е поминат подолг временски период, односно решенијата се од 2016 и 2017 година, поточно е истечен рокот од три години  предвиден во член 61 од Законот за судски совет.

- Сакаме да потенцираме дека во таа прилика, Судскиот совет за прв пат ја добива на увид спомената претставка од 18.11.2019 година адресирана до тогашниот претседател Здравев. По направените проверки во Архивата на Судскиот совет, дојдено е до сознание дека таква претставка не е воопшто заведена во електронскиот систем. Оттаму зачудува  паушалното тврдење на ДКСК дека „претставката е загубена“, велат оттаму.

Од Судскиот совет ја повикуваат ДКСК да достави доказ дека претставката е навистина примена во Судскиот совет во 2018 година, кога сѐ уште течеле роковите за постапување. 

- Зачудува фактот што на Антикорупциска и требале дури две години да  реагира со ургенција за споменатиот случај и се поставува прашањето зошто не се заинтересирале дотогаш да побараат одговор дали е постапено по истата, наведуваат од Советот.

Отаму категорично одбиваат Советот да биде, како што наведуваат, неправедно етикетиран и вбројуван во институции, кои наводно свесно помагале во забошотување на предмети поврзани со струшкиот градоначалник, а уште помалку дека во позадина се некакви политички влијанија. 

- Напротив, уште истиот ден кога беше објавена веста за ставањето на Рамиз Мерко на „црната листа на САД“, Судскиот совет одлучи да ги провери сите наводи искажани од Стејт департментот  и американскиот амбасадор во Македонија за наводни влијанија врз струшките судии од страна на градоначалникот, велат оттаму.

Информираат дека во текот на утрешниот ден, тричлена комисија предводена од координаторот за струшкиот суд, Миљазим Мустафа, ќе го посети струшкиот суд и ќе разговара со судиите од овој суд за да провери дали имало притисоци, по што во најскоро време ќе биде изготвен извештај, кој ќе биде презентиран пред членовите на Судскиот совет, но и пред јавноста.

- Воедно, сакаме да потсетиме и дека одлуките и процесните дејствија на првостепените судови подлежат на контрола на повисоките второстепени судови. Од своја страна, Судскиот совет апелира  и до сите надлежни институции докрај да се истражи овој случај, но  бара  од  нив да бидат внимателни во  изнесувањето на информации во јавноста, со цел дополнително да не се поткопува довербата на граѓаните во правосудниот систем, посочуваат од Судски Совет. ар/са/

Фото: МИА архива 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан