• четврток, 15 јануари 2026

Судијката Кацарска се обрати во Собранието на Црна Гора по повод 120 години од усвојувањето на Уставот

Судијката Кацарска се обрати во Собранието на Црна Гора по повод 120 години од усвојувањето на Уставот

Скопје, 17 декември 2025 (МИА) -  На покана на претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрија Мандиќ, а по повод 120 години од усвојувањето на Уставот на Кнежество Црна Гора, судијката Добрила Кацарска имаше свое обраќање во коe се осврна на уставна традиција и трансформација, преку компаративен преглед на Уставот на Кнежеството Црна Гора од 1905 и Уставот на Република Северна Македонија од 1991 година, информираат од Уставниот суд.

-Уставот од 1905 година е производ на политичка храброст и правна мудрост. Преку него се отелотвори идејата дека државната власт мора да биде правно ограничена и за да биде легитимна, мора да му служи на народот.  Кога Република Северна Македонија го донесе својот Устав во 1991 година, таа се наоѓаше на сличен историски пресвртен момент. И двата наши народи се обидоа да го дефинираат својот суверенитет преку устав, да ја ограничат власта со принципи и да го заштитат поединецот од арбитрерност и самоволие, истакнала Кацарска во обраќањето.

Во оваа смисла, како што посочила, уставните традиции на Црна Гора и Република Северна Македонија се временски одделени, но обединети во духот.

Кацарска посочила дека во двата устава се гледа истата морална основа  „државата постои за да му служи на граѓанинот, а не обратно. Уставот на Црна Гора, заштитувајќи ги правата на јазикот на своето време и Уставот на Република Северна Македонија, вградувајќи ги меѓународните стандарди за човекови права, потврдуваат дека слободата и законитоста се неразделни“.

-Како судии на уставните судови, нам ни е доверена мисијата да го зачуваме тоа наследство - да обезбедиме овие права да останат живи гаранции, а не далечни декларации. Секоја уставна одлука што ја донесуваме, го продолжува дијалогот што започна со црногорскиот Устав од 1905 година: дијалог помеѓу моќта и принципот, авторитетот и слободата, државата и граѓанинот.  Денес, додека Црна Гора ја слави оваа годишнина, ние во Република Северна Македонија ви се придружуваме со восхит и почит и учествуваме во ова одбележување како партнери во истото уставно патување - кое води кон посилна демократија, подлабоко почитување на човековите права и поблиска интеграција во европското семејство на нации, истакнала Кацарска.

Според неа, оваа годишнина треба да нè потсети дека уставите не се споменици на минатото, туку живи договори на сегашноста - обновени секој ден преку работата на нашите судови, институции и граѓани. дма/вј/

Фото: Уставен суд

 

 

 

 

Остани поврзан