• понеделник, 25 ноември 2024

Суарез го одигра последниот натпревар за Уругвај

Суарез го одигра последниот натпревар за Уругвај

 

Монтевидео, 7 септември 2024 (МИА) – Легендарниот уругвајски напаѓач Луис Суарез (37) синоќа се збогува од националниот тим со ремито 0:0 против Парагвај во Монтевидео во квалификациите за јужноамериканската зона за Светското првенство 2026 година.

Суарез на крајот не успеа да стигне до бројката од 70 голови, во натпревар во кој уругвајските фудбалери направија дури 24 прекршоци и упатија само еден удар кон противничкиот гол. Тој удар беше токму во режија на Суарез, кој ја погоди стативата во 18. минута.

Популарниот „Пистолеро“ по 17 години се збогуваше од небесно синиот дрес во кој постигна 69 голови на 143 натпревари, како најдобар стрелец во историјата на Уругвај.

„Ти благодарам за се Лучо“, „Ти беше и ќе останеш мој вечен идол“, „Ти си единствен и неспоредлив“ – имаше многу проштални пораки на стадионот „Сентенарио“, каде се собраа повеќе од 60.000 гледачи.

Со освоен бод во прошталниот натпревар на својот херој, Уругвај и натаму е втор со 14 бодови, зад Аргентина (18), во овие квалификации од јужноамериканската зона. ег ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан