• петок, 22 ноември 2024

Студентите од ФТУ-Охрид се закитија со медали и бројни признанија во Ниш

Студентите од ФТУ-Охрид се закитија со медали и бројни признанија во Ниш

Скопје, 20 мај 2024

Во периодот од 16ти до 19ти мај, група студенти од студиската програма по гастрономија при Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, предводени од доц. д-р Климент Наумов, оствари забележителен успех на XI гастрономско-туристички фестивал во Ниш, Република Србија во конкуренција од над 20 образовни институции од Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Романија и Грција. Станува збор за традиционална гастрономска манифестација од меѓународен натпреварувачки карактер. Настанот е во организација на Здружението на угостителски и туристички работници „Зоран Мирашевиќ“-Ниш.

Пропозициите на натпреварот се состоеа во подготовка на рибна чорба и рибен паприкаш. Тимот на ФТУ-Охрид во состав Иво Колески, Благојче Сугарески и Влатко Спасевски, сите од II година  на студиската програма по гастрономија. Тие учествуваа во сениорска категорија во подготовка на специјалитети од месо и риба на модерен начин, подготовка на национално јадење во котел на оган и во подготовка на традиционални национални специјалитети. Во голема конкуренција се закитија со златни медали за подготовката на специјалитетите  и соодветно беа наградени со златни и сребрени медали и дипломи, како и пехар за освоено прво место во соодветните категории.

Специфичноста на натпреварот се состоеше во тоа што специјалитетите се подготвуваа во посебни боксови опремени со мијалници, работни маси, рингли и печки. Особена атракција беше подготовката на специјалитети во котел на оган, користејќи котлиња обесени на троножен статив. 

Студентот Иво Колески се закити со сребрен медал и диплома за подготовката на модерно јадење (телешки котлет со аспарагус и демиглас сос). Студентот Благојче Сугарески се закити со сребрен медал и диплома во категоријата модерни спецјалитети и подготви свинско каре во су вид послужено со турниран морков и компир и путер сос. Студентите Влатко Спасевски, Благојче Сугарески и Иво Колески тимски подготвија гулаш во котел на оган и за специјалитетот добија сребрени медали и дипломи. Во категоријата традиционални-национални специјалитети истиот тим студенти подготви турли-тава, селско месо, тавче-гравче, традиционална салата со домати и сирење, охридско макало, ајвар, пинџур и леб од кисело тесто. 

Здружението на угостителски и туристички работници Зоран Мирашевиќ од Ниш, го награди ФТУ-Охрид со златна диплома во двете категории за екипно учество. Претседателот на здружението г-ѓа Анчица Димитријевиќ, му врачи благодарница за особен придонес во развојот на гастрономијата, угостителството и туризмот на д-р Климент Наумов. 

Доц. д-р Климент Наумов беше удостоен со голема чест да биде дел од претседателството на судискиот одбор заедно со познатиот Стево Карапанџа и Смилјан Стојаниќ.

Во текот на гастрономскиот настан беа остварени средби со официјални претставници од образовните институции од областа на угостителството и туризмот ширум Србија, Хрватска, Словенија и Романија во насока на соработка за евентуални проекти, како и запишување на студенти од Србија и регионот на нашиот факултет, потенцирајќи ги адутите што ги нудат нашите универзитетски дипломи во областите на гастрономијата, угостителството и туризмот.

Во престојниот период студентите кои активно учествуваат на теоретските и практичните предавања по предметите: Основи на готварство, Национална кујна, Техники на послужување и Кетеринг на ФТУ-Охрид ќе имаат можност да учествуваат и на други значајни гастрономски манифестации.

По враќањето на екипата во Охрид, деканката на Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, проф. д-р Снежана Дичевска ги прими студентите заедно со професорот во својот кабинет и им честита за постигнатиот успех.

УКЛО Факултет за туризам и угостителство-Охрид

_________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото УКЛО

Остани поврзан