• понеделник, 23 декември 2024

Струшки вечери на поезијата промовираше плакат и видео во пресрет на Фестивалот

Струшки вечери на поезијата промовираше плакат и видео во пресрет на Фестивалот

Струга, 11 август 2023 (МИА) - Националната установа Струшки вечери на поезијата денеска промовираше плакат и промотивно видео во пресрет на годинашното Фестивалско издание што ќе се одржи од 24 до 28 август во Струга.

- Плакатот и промотивното видео го илустрираат мотото на годинашното издание на Струшките вечери на поезија, „Чувствотворен јазик“. Во описот на промотивното видео се истакнува: Чувствотворен јазик, јазик создаден од чувства. Јазик што создава чувства. Поетскиот јазик ја има моќта да ги пресоздаде чувствата во нови зборови што ќе ја сменат нашата претстава за светот, па така станува и чудотворен јазик, соопшти СВП.

Предизвик за поетот, како што е наведено, е низ вдахновена потрага да ги пронајде вистинските зборови со кои ќе ги сврзе убавината и смислата во песна.

- Но денес, поетскиот јазик станува предизвик и за најновите трендови на алгоритмите на вештачката интелигенција, коишто генерираат јазик врз поинакви принципи, врз принципите на семантички корелации и математички пресметки. Дали поетскиот јазик може да се симулира? Ги допираме ли границите на човекувањето. Во постојаниот порив да го совладаме светот, ќе бидеме ли заробени во матриксот на невронските мрежи?, стои во описот на промотивното видео.

Графичкиот дизајн на плакатот е дело на графичкиот уметник и дизајнер од Струга, Енкел Дика, видео продукцијата е на ЗООТРОП студио, а автор на музиката е Џијан Емин. сс/дма/

 

s

Фото и видео СВП

Остани поврзан