• четврток, 16 мај 2024

Струмичките пожарникари со комплет нови одела за лична заштита го одбележаа Денот на пожарникарството

Струмичките пожарникари со комплет нови одела за лична заштита го одбележаа Денот на пожарникарството
Струмица, 20 мај 2022 (МИА) - Со комплет нова заштитна облека за справување со шумски пожари и показна вежба за извлекување на настрадани во сообраќајна несреќа и земјотреси, струмичките пожарникари го одбележаа 20 Мај - Денот на пожарникарството. Опремата ја обезбеди Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во рамки на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег–ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Бугарија и С.Македонија. Опремата се состои од професионален комплет - заштитна облека, чизми, ракавици, заштитен шлем, очила и поткапа. -Ваква опрема првпат добиваме откако постоиме и затоа изразувам голема благодарност до Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и директорката Жулиета Ѓуркова, како и на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов. Нашата подготвеност досега многу пати сме ја покажувале и докажувале, а со новата опрема сме целосно подготвени за справување и со шумски пожари, рече командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев. Вежбата ја следеше и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој истакна дека Територијалната професионална противпожарна единица досега во многу реални и опасни ситуации ја покажа својата подготвеност, професионалност и пожртвуваност во спасувањето на човечки животи и материјални добра. -Вие сте чувари на нашите животи и на нашите имоти. Сведоци сме како во многу сериозни ситуации ги ризикувате и вашите животи за да не спасите и нас и градот. Јас како градоначалник и Општина Струмица на вашата пожртвуваност ќе ви враќаме со максимална поддршка, рече Костадинов. Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, освен на струмичките пожарникари, вчера и денеска им врачи нова лична опрема за справување со шумски пожари и на пожарникарите од Радовиш, Валандово и Гевгелија. рт/мд/

Остани поврзан