• петок, 22 ноември 2024

Стигна третата пратка на апаратите за отпечаток од прст, почна обуката на избирачките одбори

Стигна третата пратка на апаратите за отпечаток од прст, почна обуката на избирачките одбори
Скопје, 27 септември 2021 (МИА) - Стигна и третата пратка уреди за биометриска идентификација на гласачите. Во пратката има вкупно 980 апарати, а ќе се чуваат во Домот на Армијата, изјави денеска претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. Тој напомена дека и оваа пратка пристигна три дена порано, а за два до три дена се очекува да стигне и уште една пратка. -Во пратката има 980 апарати, односно куферчиња во кои се апаратите, и тие ќе се чуваат во Домот на АРСМ, бидејќи немаме доволно простор во Државната изборна комисија. По изборите, ќе се складираат во некој магацин со соодветно обезбедување. За два до три дена ќе стигне друга пратка, а потоа и трета. Праќаат повеќе од тоа што е договорено, и може да се почне со полнење, додаде Даштевски. Претседателот на ДИК потсети дека Избирачкиот список веќе е затворен, тој деновиве бил на електронска обработка, така што веќе од утре ќе може да се почне со полнење на апаратите, што ако се организира добро, ќе биде завршено една недела пред изборите. Ќе остане, како што рече, само дистрибуцијата на апаратите. Даштевски напомена дека очекува во рокот, дури и пред рок да бидат испорачани сите апарати. -Знаеме дека апаратите од првата пратка се наполнети и веќе од денеска тече едукација односно обука за избирачките одбори кои ги вршат едукаторите, и тие се на терен со апаратите. Секој претседател, заменик претседател и другите членови се обучуваат на апаратите, и кога ќе заврши обуката сите ќе бидат подготвени да управуваат со нив, рече Даштевски. Технологијата, како што посочи, е многу едноставна. Појасни дека се работи за апарат сличен на таблет, кој е уште поедноставен за управување бидејќи има помалку икони. Лесно е да се научи како се ракува со него. -Во текот на неделата од компанијата очекуваме да биде поделено по едно видео на сите што се претседатели и заменици претседатели, а веројатно и на членовите на Избирачките одбори, за да секој кој не присуствувал на обуката или заборавил како се ракува со апаратите, да може да го пушти видеото за демонстрација. Неделава ќе се испечатат и прирачници за техничкото управување со опремата, додаде Даштевски. Обуката ќе трае до 12 октомври, а секој кој смета дека не е доволно обучен за користење на апаратите, ќе може да се дообучи од 12 до 15 октомври. Даштевски напомена дека апаратите се едноставни за ракување и смета дека сите ќе ја совладаат таа техника. -Програмата, планот и распоред за обуката е закачена на веб-страницата на Државната изборна комисија. Има вкупно 130 едукатори, на терен се 60 групи кои се организираат според распоредот и одат во секој град и секоја урбана или рурална средина каде што постојат гласачки места. За во секоја општина има распоред кој кого ќе обучува и на кои места, посочи Даштевски.бт/са/    

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан