• петок, 05 декември 2025

Стефковски: Реконструкцијата на улицата „Палмиро Тољати“- инвестиција вредна 37 милиони денари за подобра патна инфраструктура во Гази Баба

Стефковски: Реконструкцијата на улицата „Палмиро Тољати“- инвестиција вредна 37 милиони денари за подобра патна инфраструктура во Гази Баба

Скопје, 9 октомври 2025 (МИА) - Кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник Бобан Стефковски, денеска заедно со потпретседателот на партијата и вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски извршија увид во населеното место Ченто, каде во тек е реконструкција на улицата „Палмиро Тољати“, една од поважните сообраќајници во општина Гази Баба.

-Проектот опфаќа комплетна реконструкција на главната улица и на сите нејзини краци, во вкупна должина од 2,5 км, вкупната инвестиција на овој проект е 37 милиони денари, средства обезбедени од Владата на Македонија преку Министерството за транспорт, истакна Стефковски.

Стефковски информира и дека во Хиподром се одвива реконструкција на улицата „Париска комуна“, проект поддржан од Владата преку вториот Повик за општински инфраструктурни инвестиции и најави реконструкција на повеќе главни сообраќајни артерии во Гази Баба, со цел да се подобри патната инфраструктура.

-Ова е само еден од низата капитални инфраструктурни проекти коишто се реализираат со поддршка на Владата. Интензивно се гради улицата Париска Комуна, улицата „Јордан Поп Јорданов“ во Маџари, а наскоро од денес започнуваме со градежни активности и реконструкција на повеќе главни сообраќајни артерии во Гази Баба, рече Стефковски.

Тој додаде дека освен овие проекти, во општината се реализираат и низа други објекти, како инфраструктура за згрижување на децата, информирајќи дека веќе интензивно се градат две детски градинки во Трубарево и во Инџиково. 

-За неколку дена од сега ќе направиме увид во градежните работи за изградба и на третата детска градинка што се наоѓа спроти универзитетот ФОН и навистина сум презадоволен што во еден мандат започнавме со изградба на три детски градинки што не се случило досега, и со тоа листите на чекање ќе заминат во историја, оцени Стефковски. нд/вг/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан