Продажбата на пиво во Германија падна на најниско ниво во последните 32 години
- Од заводот за статистика посочуваат дека извозот во земјите на ЕУ се намалил за 1,3 процент, а во земјите надвор од ЕУ за 14,2 проценти
Берлин, 2 февруари 2026 (МИА) - „Продажбата на пиво во Германија во 2025 година падна за шест проценти во однос на претходната година достигнувајќи речиси 7,8 милијарди литри, што е најниско ниво од 1993 година“, соопшти Федералниот завод за статистика (Destatis).
Првпат во историјата продажбата на пиво падна под осум милијарди литри, а во споредба со 2015 година е намалена за речиси 19 проценти. Најголемиот дел, околу 82,5 проценти, е продаден на домашниот пазар, каде што потрошувачката се намалила за 5,8 проценти. Преостанатите 17,5 проценти се извезени или дадени на вработените во пиварниците, со пад од седум проценти.
Од заводот за статистика посочуваат дека извозот во земјите на ЕУ се намалил за 1,3 процент, а во земјите надвор од ЕУ за 14,2 проценти. Според нив, сезонската продажба останува непроменета - раст во пролет и лето, пад во есен и зима, но долгорочниот тренд е опаѓачки.
„Пад е забележан и кај мешавините на пиво со безалкохолни пијалаци, како лимонада или кола, чија продажба лани се намалила за 5,2 проценти во споредба со преклани на 402 милиони литри“, се наведува на веб-страницата на „Дестатис“. мв/јт/
Фото: МИА архива