Српскиот премиер учесниците на протестот ги нарече разбиена банда, МВР ќе поднесе кривични и прекршочни пријави
- Учесниците на протестот на „Теразије“ во Белград српскиот премиер Александар Вучиќ ги нарече разбиена банда, додека министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ најави дека по завршувањето на протестот дошло до тешко нарушување на јавниот ред и мир и прекршување на законите и дека против сите сторители ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави.
Белград, 10 август 2024 (МИА) - Учесниците на протестот на „Теразије“ во Белград српскиот премиер Александар Вучиќ ги нарече разбиена банда, додека министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ најави дека по завршувањето на протестот дошло до тешко нарушување на јавниот ред и мир и прекршување на законите и дека против сите сторители ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави, јави дописникот на МИА од Белград.
Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, по повод вечерашниот протест против рудникот за литиум, изјави дека „по којзнае кој пат покажале дека навистина се грижат за животната средина и за здравјето на луѓето“.
- Едни како разбиена банда одат да блокираат, не знаат ни што, но важно е да го загрозат нормалното функционирање на луѓето. Други се подготвуваат, како што велат, да го „ископаат најголемиот гроб во зградата на Претседателството“. Кукавици и лажговци! Екологисти кои не садат дрва, туку копаат гробови, и отворено и монструозно му се закануваат на претседателот Вучиќ со смрт. Нема да го исплашите! И нема да дозволиме да ја загрозувате Србија заради лични интереси кои ги поддржуваат и Курти, усташите и странските служби, напиша Вучевиќ на социјалната мрежа Х.
Вицепремиерот на Република Србија и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека по завршувањето на протестот на „Теразие“ дошло до сериозно нарушување на јавниот ред и мир и прекршување на законите, соопшти Министерството за внатрешни работи на Република Србија.
- Самиот собир на Теразије беше мирен и полицијата процени дека имало меѓу 24 и 27 илјади луѓе, но по митингот организаторите постапија спротивно на се што напишаа во пријавата за јавниот собир, го нарушија јавниот ред и мир и го блокираа меѓународниот сообраќај, со што ја загрозија безбедноста на граѓаните, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека „и меѓу другото, по рецептот на обоените револуции, блокирањето на железничката станица Прокоп, најубавата во овој дел од светот и гордоста на сите граѓани на Србија, која ја изгради оваа власт“.
Организаторите и водачите и пред и за време на протестот полицијата ги предупреди дека тоа што го прават не е во согласност со законот.
- Против сите сторители на кривични дела и прекршоци ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави, се наведува во соопштението. об/паг/