• понеделник, 23 декември 2024

Средба Тупанчески-Шварц Пипан во Љубљана

Средба Тупанчески-Шварц Пипан во Љубљана
Скопје, 21 септември 2022 (МИА) - Миграцијата, сузбивањето на организираниот криминал и корупцијата, именувањето, разрешувањето, оценувањето на судиите и на јавните обвинители, се темите за коишто денеска во Љубљана разговарале министерот за правда Никола Тупанчески и неговата словенчка колешка Доминика Шварц Пипан. Тупанчески, кој е во дводневна посета на Словенија, рече дека заеднички било констатирано дека состојбите се добри, меѓутоа и дека постои простор и можност за нивно подобрување. -Имавме можност да размениме искуства и идеи коишто пред се ќе имаат особено корисна важност, ќе бидат релевантни за Република Северна Македонија и нејзиниот пристап или процес кон апроксимацијата на ЕУ, рече Тупанчески. Информираше дека биле разменети мислења и искуства коишто се однесуваат, пред се, околу изборот, именувањата на судиите и јавните обвинители и како тоа функционира во Словенија, а како во Северна Македонија. -Стигнавме до некакви заеднички констатации што би значеле дека постои дополнителна можност за подобрување на состојбите и во Словенија, меѓутоа посебно во Република Северна Македонија каде што навистина не чека еден процес, еден предизвик што значи исчекор кон воспоставување на нови стандарди што значат приближување кон ЕУ, рече Тупанчески. Министерот за правда изрази надеж дека оваа соработка со словенечкото Министерство за правда во иднина ќе се прошири и ќе се продлабочи. Тупанчески денеска и утре е на средби во Љубљана, а во рамки на посетата ќе се сретне и со Дамијан Флорјанчич, претседател на Врховниот суд на Словенија, со Бојан Мајчен, директор на Управата на затворот и Данијела Мрхар Прелиќ, директор на Управата за пробација, информираат од Министерството за правда. Утре, министерот Тупанчески, ќе го посети Врховното државно обвинителство на Словенија, каде ќе оствари средба со словечкиот државен јавен обвинител Драго Шкета. Предвидени се и средби во Државно обвинителскиот совет и Судскиот совет на Словенија. Во рамки на посетата на Словенија, Тупанчески ќе се сретне и со министерката без ресор задолжена за дигитализација Емилија Стојменова Дух, известуваат од Министерството за правда. ев/дма/

Остани поврзан