• петок, 05 декември 2025

Средба на претседателката на собраниската Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Пешевска со полковничката Станковска-Будимир од МО

Средба на претседателката на собраниската Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Пешевска со полковничката Станковска-Будимир од МО

Скопје, 13 мај 2025 (МИА) - Претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Собранието на РСМ, Жаклина Пешевска, денеска остварила средба со полковничката Антониела Станковска-Будимир од Министерството за одбрана. На средбата присуствувала и пратеничката Лидија Петкоска, членка на Комисијата.

Како што соопшти собраниската прес - служба, Станковска-Будимир работи на промовирање родова еднакваквост во Министерството и Армијата, таа е НАТО сертифицирана родова обучувачка во земјава и странство, членка на многу регионални родови групи и има изработено повеќе родови дела.

- Во фокусот на средбата беше Вториот национален акциски план (НАП) за имплементација на Резолуцијата на Обединетите нации 1325 - Жени, мир и безбедност - https://mod.gov.mk/inc/uploads/2021/05/Second-NAP-North-Macedonia_MKD.pdf , чија координаторка е токму полковничката Станковска-Будимир. Овој стратешки документ се доставува во Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, но и до Европската Унија. За истиот, во Извештајот на Европската комисија за земјава, нотирани се позитивни забелешки, се наведува во соопштението.

НАП-от, кој се базира на принципите на интеграција, инклузивност и интегритет, опфаќа пет стратешки цели базирани на принципот на еднакви можности на жените и мажите, и тоа: унапредување на лидерски позиции; вклученост во општеството; олеснување - поддршка; сеопфатна и ефективна заштита; комуникација, обука и образование.

- Целта е да се подигне свеста за родовите прашања во безбедносните структури, да се унапредат знаењето и вештините, да се подобри положбата на жените, соочување со предизвиците и зголемување на бројот на жени на раководни позиции. Соговорничките беа едногласни дека меѓусебната соработка е многу важна, треба да се промовираат добрите искуства практики, да се иницираат проекти за унапредување на жените во одбраната и воопшто. Стереотипите сѐ уште не се скршени, менталитетот е еден тежок процес, но младите денеска се со поинакви размислувања. И покрај напредокот, претстојат многу предизвици и работа, соопшти собраниската прес-служба.

Во таа насока, тие се согласиле после 20 мај, кога се одржува промоција на наодите од Родовата самопроценка и Родовиот акциски план 2024 - 2028 на Министерството за одбрана и Армијата, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите да одржи настан на оваа тематика, со релевантни учесници, што ќе биде можност во законодавниот дом да се дадат ефективни препораки од областа. цр/дма/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан