• вторник, 16 јули 2024

Средба на министерот Перински со Фатих Туркменоглу, шеф на Канцеларијата на ЕБОР во Скопје

Средба на министерот Перински со Фатих Туркменоглу, шеф на Канцеларијата на ЕБОР во Скопје

Скопје, 16 јули 2024 (МИА) - Министерот за локална самоуправа, Златко Перински на денешната средба со шефот на Канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Скопје, Фатих Туркменоглу разговарал за приоритетите на ЕБОР во државава, а тоа е укажувањето на значителна поддршка во инвестирање во бројни проекти во различни сектори, со цел напредок на земјава во конкурентноста, зелената транзиција, како и во процесот на интеграција, како во регионалните, така и на глобалните пазари.

-Министерот Перински упати голема благодарност до Туркменоглу за досегашното тридецениско партнерство на ЕБОР со Македонија, како и за ЕБОР како еден од најголемите поддржувачи на нашата држава, чија поддршка и инвестиции имаат огромен придонес во економскиот и социјален развој на општините, се наведува во соопштението.

Особено значајни, како што посочуваат од Министерството, се придобивките од инвестициите во секторите за инвестирање во проекти за обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, транспортната инфраструктура, енергетиката и гасификацијата, како и општинската инфраструктура за животна средина.

-Инвестициските активности од различни партнери се од големо значење за тековниот и идниот развој на државниот и приватниот сектор. Канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Скопје, како меѓународна институција е значително важен стратешки партнер на Македонија, која повеќе од 30 години, уште од далечната 1993 година, досега има инвестирано над 2,6 милијарди евра во повеќе од 180 проекти, се наведува во соопштението. дма/са/

Фото: Министерство за локална самоуправа

Остани поврзан