СПК „Козјак“ одбележува 40 години од постоењето
- Спортско планинарскиот клуб (СПК) „Козјак“ од Куманово денеска одбележува 40 години од своето постоење, соопштија денеска одговорните од клубот.

Куманово, 7 април 2022 (МИА) - Спортско планинарскиот клуб (СПК) „Козјак“ од Куманово денеска одбележува 40 години од своето постоење, соопштија денеска одговорните од клубот.
Вечерва во Куманово, членовите на клубот организираат свечена академија и презентација на своите активности, а ќе доделат и благодарници за нивните членови. Во недела со почеток во 9 часот, како што соопшти секретарот на СПК „Козјак“ Мартин Величковски, по повод јубилејот, ќе се организира тура по нова рекреативна патека во близина на Куманово Биљановце-Борови-Студена вода.
- Оваа тура се организира првпат, а членовите на спортско планинарскиот клуб, вршат маркирање на патеката и поставуваат патокази, изјави Величковски.
Функционирањето на спортско планинарскиот клуб е возобновено во 1982 година, откако првично бил формиран во далечната 1967 година, а веќе наредната година бил згаснат. Клубот е еден од најактивните во државава со постојани редовни активности, утврдени со годишната програма.
- Планинарите низ годините ги освоија највисоките врвови на Балканот, а во изминатите години, учествуваа и на искачувања во Европа, рече Величковски.
Покрај овие активности, во клубот одржува се одржува летна планинарска школа, искачување на врвовите на планините низ државата, а на високо ниво е и соработката со македонски и балкански планинарски друштва.
Во СПК „Козјак“ членуваат 84 активни и над дваесетина пасивни планинари. Во рамки на клубот функционира и школата за млади планинари. СПК „Козјак“ располага со еден планинарски дом во село Длабочица.ам/вј/

