• недела, 24 ноември 2024

Спасувачките екипи изнесуваат луѓе заглавени во снегот на шпанскиот остров Мајорка

Спасувачките екипи изнесуваат луѓе заглавени во снегот на шпанскиот остров Мајорка

Мадрид, 1 март 2023 (МИА) -  Спасувачките тимови на шпанскиот остров Мајорка денеска им помагаат на многумина блокирани во различни делови на медитеранскиот остров по снежното невреме. Тамошните власти побараа и распоредување на шпанска воена единица за итни случаи бидејќи островот се соочува со обилни снежни врнежи, ниски температури и силни ветрови по доаѓањето на бурата Жилиет во понеделникот.

Планинските области северно од популарната дестинација за одмор беа тешко погодени од доаѓањето на бурата Жулиет, која на некои места ги блокираше патиштата.

Откако невремето го погоди северниот дел на островот во понеделникот, на некои места во планинскиот венец Сера де Трамунтана се акумулира повеќе од еден метар снег, покажуваат податоците на шпанската метеоролошка служба.

Регионалната влада на Балеарските Острови соопшти дека соработува со безбедносните власти на расчистување на патот до две засолништа и „да ги спаси луѓето кои се уште се таму изолирани“.

Сите „се во добра здравствена состојба“, се вели во соопштението, додавајќи дека три хеликоптери биле вклучени во операцијата за „пребарување и евакуација“.

Единицата за итни случаи на Војската соопшти дека околу 90 нејзини припадници работат со машини за чистење снег за да ги расчистат патиштата.

Спасувачките тимови успеаја да го исчистат патот кој води до манастирот Сантуари де Лук од 13 век, каде што околу сто луѓе беа блокирани од снегот, соопшти локалната служба за итни случаи. ссм/

фото: Принтскрин/Цивилна гарда

Остани поврзан