• понеделник, 23 декември 2024

Спасовски - Нешиќ: Зајакнување на соработката во делот на размена на информации за компјутерски криминал, илегална миграција и перење пари и корупција

Спасовски - Нешиќ: Зајакнување на соработката во делот на размена на информации за компјутерски криминал, илегална миграција и перење пари и корупција

Скопје, 12 март 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари работна средба со делегација на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, предводена од министерот Ненад Нешиќ на која во фокусот беше унапредувањето на меѓусебната соработка и продлабочување на пријателските врски меѓу двете министерства.

-Особено ми е драго што можам да констатирам дека односите меѓу нашите две земји и регионалната соработка се на едно исклучително високо ниво. Нашата досегашна одлична соработка како на политичко, така и  на оперативно ниво, се темели на веќе потпишаните договори меѓу владите на нашите две земји за заемно признавање и замена на возачки дозволи, соработка во борбата против тероризмот, организираниот криминал, нелегалната трговија со наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, нелегалната миграција како и преземање на лица со незаконски престој, кои несомнено се од големо значење за Република Северна Македонија и за Босна и Херцеговина, нагласи Спасовски на заедничката прес-конференција.

Спасовски додаде дека на средбата посебно се осврнале на зајакнување и унапредување на досегашната соработка во делот на размена на информации меѓу двете служби на теми од заеднички интерес како што се кривични дела поврзани со илегалната миграција, трговијата со дрога и оружје, компјутерски криминал, криминал поврзан со перење пари и корупција, како и активно вклучување во решавање по итни барања доставени од страна на двете држави.

- Соработката меѓу двете држави во најголем дел се одвива преку национални централни бироа, но и преку  учество на заеднички состаноци и договарање активности за унапредување на соработката. Го информирав колегата Нешиќ за операционализацијата на Договорот помеѓу ЕУ и Република Северна Македонија за оперативна соработка во управувањето со границите со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража - ФРОНТЕКС, дека досега се реализирани две посети на делегации од ФРОНТЕКС, при што истовремено се работи на документите за оперативниот план, а воедно се работи и на логистичката поставеност. Доколку сѐ оди по планот, се очекува соработката во рамки на Договорот да се операционализира од 19 април, годинава, со што дополнително ќе се зајакне соработката помеѓу ЕУ и Република Северна Македонија во однос на миграцијата и управувањето со границите, истакна Спасовски.

Нешиќ, меѓу другото, посочи дека Европската Унија е иднината на Босна и Херцеговина и на Република Северна Македонија. Министерот изрази надеж за понатамошна соработка меѓу двете земји.

Босанскиот министер за бзбедност Нешиќ утре ќе присуствува на свеченоста по повод Денот на Специјалната антитерористичка единица ТИГАР. бд/вг/

ФОТО: МИА

Остани поврзан