• вторник, 20 август 2024

Со „Шопско село", фолклор и традиција започнува богатата празнична програма во Крива Паланка

Со „Шопско село

Крива Паланка, 20 август 2024 (МИА) - Фолклорно дефиле од три различни локации што ќе се соедини на градскиот плоштад во Крива Паланка каде од денеска во наредните пет дена ќе се одржи манифестацијата „Шопско село" со интегрирани традиционални јадења и пијалаци од регионот, ракотворби, народна музика, ќе го означи официјално почетокот на богатата празнична програма посветена на празникот на градот, патрон-заштитникот,  свети Јоаким Осоговски.

Настаните се дел од манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата 2024“ и „Кривопаланечко културно лето", а ги соединуваат: 19 Меѓународен фолкорен фестивал "Св.Јоаким Осоговски", што ќе трае од денес до четврток, вториот"Фестивал на храна ", "Фестивал на ракотворби и занаети", познатиот музички фестивал "Џојфест", концерт "Македонијо во срце те носиме" и големиот празничен концерт на 28 август 2024.

Кривопаланчани и гостите на градот ќе можат да уживаат во целокупната разновидност на содржините што за првпат се презентираат како еден концепт со цел привлекување туристи и промоција на автентичноста и оригиналноста на шопскиот регион, заедно со богатата културна концепција на „Градот на културата".

Меѓународниот фолклорен фестивал „Св.Јоаким Осоговски“ сите три вечери ќе започнува со дефиле на учесниците во 18 часот и централна фестивалска програма од 19 часот на која НУ Центар за култура Крива Паланка како организатор најави над 700 учесници од вкупно 18 фолклорни друштва и ансамбли од: Турција, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија.

Фестивалот годинава е збогатен со мастерклас за културното наследство на Крива Паланка и околината со етнокореологот Бојан Петровски, закажан за утре, 21 август,  проекција на филм за Дурачка Река „Не Плети Лесо“, презентација на облековните елементи од етничките предели Дурачка река, Источен дел на Славиште и Средорек, а во четврток ќе се одржи семинар „Традиционалната култура во Крива Паланка“.

„Фестивалот на занаети и ракотворби“ ќе се реализира во наредните три дена, до 22 август, на кејот на Крива Река, кадешто пет дена ќе се одржува „Фестивалот на храна", во центарот на градот, покрај плоштадот. На овие фестивали ќе се презентираат храна и пијалаци автентични за поднебјето на шопскиот крај, претставени со изложувачи од кривопаланечко и ќустендилскиот реон, а ќе започнуваат од 18 часот.

Од 20-22 август по фолклорните содржини, присутните ќе можат да уживаат во народната музика со настапите на Игор Димовски и „Пауза за ракија”, Елена Андоновска и „Седенка".

На 23 и 24 август ќе се одржи „Џојфест", со настап на „Конкверинг лајон" и „Суперхикс" во петок, „Кисити", „Парампашчад" и „Бубњиви и пси", со главна ѕвезда на вечерта на 24 август, македонската музичка поп-дива, Калиопи.

На 25 август на градскиот плоштад гостува проектот „Македонијо во срце те носиме" на Скендеровски продукција, со настапите на 12 врвни македонски изведувачи со познатите евергрин рефрени од македонската народна музика.

За 28 август, среда, е закажан големиот празничен концерт во организација на Општина Крива Паланка, на кој настапува Давид Темелков, главна ѕвезда е Балканската мега-ѕвезда Северина, а вечерта ја затвораат „Брас брадрс".

Организаторите, Општина Крива Паланка и институциите од областа на културата во Крива Паланка, ги покануваат сите граѓани од државата и регионот да бидат гости на градот, да уживаат во целокупната разновидност на содржините од програмата што се нуди и да уживаат во природата, чистиот воздух и раскошната природна убавина на Осоговието, а во време на празниците да го посетат еден од најубавите манастири во државата и пошироко, манастирот Свети Јоаким Осоговски.

Од општината посочија дека поради најавите за масовна посетеност на настаните, направени се бројни подготовки, со редарска служба и обезбедени шест зони за бесплатно паркирање возила. Локациите се објавени на веб-страницата на Општина Крива Паланка, www.krivapalanka.gov.mk и на социјалните мрежи на Општина Крива Паланка.ид/са/

Фото: плакат

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан