• понеделник, 23 декември 2024

Со специјална трка во центарот на Атина започна релито Акрополис

Со специјална трка во центарот на Атина започна релито Акрополис

Атина, 9 септември 2021 (МИА) – Под Акропол и за првпат со специјална рута во центарот на Атина со должина од 980 метри, започна релито Акропол или „рели на Боговите“, кое по осум години пауза се враќа на светскиот шампионат, а до недела се одржува во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Почетокот под Акропол го означи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, по што следеше претставување на учесниците во присуство на министри од Владата, а половина час подоцна започна и специјалната трка „COSMOTE 5G Athens Stage“ во делот околу грчкиот Парламент

За првпат, автомобилите што учествуваат на релито ги претставија нивните маневри пред грчкиот Парламент, со што центарот на Атина денеска потсетува на Монте Карло и трките на Формула 1.

Помалку од една минута траеше  индивидуалната трка на учесниците на плоштадот Синтагма, а најбрз со 51,5 секунди беше тандемот Себастијан Ожие- Џулиен Инграсија, кои се и седумкратни светски шампиони.

Релито Акрополис има 15 фази со вкупна должина од 292,19 километри,  учествуваат 55 автомобили, додека пак главните трки ќе бидат за време на викендот околу градот Ламија.

Автомобилите кои учествуваат во релито, во текот на ноќта ќе останат на плоштадот Синтагма.

Поради релито, Атина од рано утрово е целосно парализирана со затворени улици, а пристапот до центарот на градот е речиси и невозможен. ср/зс/

 

Остани поврзан