• понеделник, 23 декември 2024

Со сослушување вешто лице продолжи судењето за „Таргет-Тврдина"

Со сослушување вешто лице продолжи судењето за „Таргет-Тврдина
Скопје, 2 февруари 2021 (МИА) - Со сослушување на вешто лице кое го подготвило вештачењето, со кое според обвинителството се побива теоријата дека трети страни незаконски прислушувале на територија на Скопје, во Основниот кривичен суд во Скопје продолжува судењето за незаконско следење на комуникациите „Таргет-Тврдина". Судот, на почетокот не го прифати приговорот на одбраната, укажувајќи дека странките на претходната расправа дале согласност овој доказ да биде изведен, откако ќе биде сослушано вештото лице. - Сметаме дека на овој начин не се повредува начелото на еднаквост на оружјата, со оглед дека советот досега дал еднаква можност и на двете страни и цениме и сметаме дека овој доказ треба да се изведе, со цел да се утврди вистината и утврдување на фактичката состојба, изјави судот. Одбраната бараше од судот да не го профати вештачењето на СЈО на извештајот од израелската компанија, доставено во дополнителна постапка, и да го одбие како неосновано и прибавено на незаконит начин. Јавниот обвинител Трајче Пеливанов, рече дека е разбирливо противењето на одбраната, со оглед дека се побива нивната теорија дека трети лица незаконски прислушувале на територија на Скопје. - Не гледам правни пречки за овој доказ да биде изведен и во оваа постапка, иако е создаден по наредба на јавен обвинител во друга постапка. Предлагам судот да не го прифати барањето на одбраната, рече Пеливанов. Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристеска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани. аа/дма/

Остани поврзан