• петок, 05 декември 2025

Со низа активности Собранието се приклучува на кампањата „16 дена активизам“, на 1 декември јавна расправа за имплементацијата на Истанбулската конвенција

Со низа активности Собранието се приклучува на кампањата „16 дена активизам“, на 1 декември јавна расправа за имплементацијата на Истанбулската конвенција

Скопје, 21 ноември 2025 (МИА) – Со низа активности и јавни дебати и расправи, Собранието се приклучува на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“. На 1 декември во организација на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите ќе се одржи јавна расправа на тема „Имплементација на конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулската конвенција)“ во рамки на оваа кампања.

Претседателката на Комисијата, Жаклина Пешевска на денешната седница информира дека интензивно мора да работат како законодавци, како што рече, заради тоа што се повеќе насилство има во општеството. 

-Многу невладини здруженија имаат интерес за да присуствуваат на таа јавна расправа и тоа ни е показател дека сме на добар пат, дека ги прифаќаме сите сите релевантни за да присуствуваат на темава која е мнгоу важна, рече Пешевска.

На 25 ноември, пратениците и пратеничките ќе излезат  низ центарот на Скопје пред граѓаните да поделат флаери со едукативни содржини за родово базираното насилство. Исто така, на истиот ден, во Собранието ќе се одржи и дебата за говорот на омраза врз жените во политиката, додека на 5 декември во Собранието ќе се одржи настан за руралните жени.

„16 дена активизам“ е меѓународна кампања која се спроведува секоја година, која почнува на 25 ноември на Меѓународниот ден на елиминација на насилството против жените, а завршува на 10 декември, Денот на човековите права. Кампањата првично потекнува од активисти на првиот Женски глобален институт за лидерство во 1991 година, потоа продолжува да се координира од Центарот за женско глобално лидерство. Над 6 000 организации во приближно 187 земји учествуваа во Кампања од 1991 година, со досег од 300 милиони луѓе.

Конвенцијата беше потпишана на 11 мај 2011 година во Истанбул, Република Турција, поради што е позната како Истанбулска конвенција. Република Македонија беше меѓу првите земји кои ја потпишаа конвенцијата. Таа беше ратификувана од страна на Собранието на Република Македонија на 22 декември 2017 година, а стапи на сила на 1 јули 2018 година. Конвенцијата содржи 12 поглавја и 82 членови. фф/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан