• сабота, 27 април 2024

Со доделување на наградите затворен МТФ „Војдан Чернодрински“

Со доделување на наградите затворен МТФ „Војдан Чернодрински“

Прилеп, 17 јуни 2023 (МИА) - Со доделување на наградите за најдобрите остварувања и со претставата во чест на наградените „Последниот балкански вампир“ на Српско народно позориште од Нови Сад, синоќа во Прилеп беше спуштена завесата на 57. Македонски театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“. 

Статуетката на патронот на Фестивалот - Војдан Чернодрински ја понесе претставата на битолскиот театар „Мy name is Medeja“, која се закити со уште четири награди, Драмски театар од Скопје е добитник на пет награди, две доби Турски театар и по една прилепскиот народен театар и театарот за деца и младинци од Скопје. Наградата за најдобра претстава на директорот на битолскиот театар Иван Јерчиќ му ја врачи министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Според директорот на Битолскиот театар Јерчиќ, театарот може да живее само ако се актуелизира и се донесе во современ контекст.

-Доколку проблемите што ги носат големите драмски дела, било да се од грчката класика, од римското време, Шекспир или руските класици, доколку умешно се адаптира во денешницата, само така театарот има смисла и е сега, овде жив, актуелен, поставува прашања и бара одговори, изјави Јерчиќ.

За добитничката на наградата за главна женска улога, за улогата на Медеија во битолската претстава, Илина Чоревска, Медеја во претставата е актуелна, емигрантка е во странска земја која се носи со проблемите, тагите, радостите.

-Медеја го има само насловот и сите референци што ги носи текстот на Еврипид, но оваа Медеја е млад човек во странска земја кој се соочува со денешни реални проблеми и токму поради тоа е големината на оваа претстава. Среќна сум што ја добив наградата која доаѓа во некои мои тешки животни периоди, рече Чоревска.

Честитајќи им на наградените, уметничкиот директор на Фестивалот, Ана Стојаноска најави Фестивал секој ден, цела година во Прилеп кој заслужува да се нарече град-театар. Посебна е благодарноста кон публиката која осум дена неуморно ја следеше богатата фестивалска програма

-Осум дена носевме срце полно со љубов за театарската уметност. Мене ми е важно да го препознаеме современиот театар да ги покажеме конкретните и коректните професионални релации, да го славиме театарот и, пред сѐ, нашата заедничка креативна работа. Затоа уште еднаш ќе ви се заблагодарам, драга публико, што бевте со нас овие осум денови. Мојата цел е Фестивалот да живее секој ден, цела година, порача Стојаноска.

Во чест на наградените Српско драмско позориште од Нови сад ја изведе претставата „Последниот балкански вампир“ од Дејан Дуковски во режија на Александар Поповски со што беше затворен годинашниов 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.ем/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан