Сојузниците на Украина ќе откријат нов фонд за реконструкција на состанокот во Рим
- Европските партнери на Киев треба да презентираат фонд за реконструкција за Украина на состанокот во Рим денеска за да разговараат за понатамошни средства за поддршка, по повеќе од три и пол години од почетокот на војната.
Рим, 10 јули 2025 (МИА) - Европските партнери на Киев треба да презентираат фонд за реконструкција за Украина на состанокот во Рим денеска за да разговараат за понатамошни средства за поддршка, по повеќе од три и пол години од почетокот на војната.
Германската министерка за развој Рим Алабали Радован изјави дека фондот, кој ќе биде поддржан од Германија, Италија, Полска, Франција и Европската комисија, има за цел да го поттикне економскиот развој на Украина, „бидејќи реконструкцијата не е можна без силна економија“.
Европските лидери, вклучувајќи го и германскиот канцелар Фридрих Мерц, треба да присуствуваат на дводневната конференција во италијанската престолнина за да изнајдат начини за помош во реконструкцијата на уништената инфраструктура, како што се патиштата и електраните, додека војната сè уште трае.
Се очекува и украинскиот претседател Володимир Зеленски да присуствува заедно со претставници на околу 60 земји.
Алабали Радован изјави дека целта на планираниот фонд е да „обезбеди економска поддршка за Украина со приватни и јавни средства“, додавајќи дека дополнителни детали ќе бидат откриени подоцна.
Додека тешките руски напади врз Украина продолжуваат со несмалена сила, се очекува европските лидери во Рим да присуствуваат и на видеоконференција на таканаречената „коалиција на добронамерните“ - сојуз од околу 30 земји што ја поддржуваат Украина, предводен од Велика Британија и Франција.
Состанокот во Рим е четврти од ваков вид откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, а претходните изданија се одржаа во Берлин, Обединетото Кралство и Швајцарија. мс/
фото: ЕПА