Социјалдемократите и либералите во ЕП ја оспоруваат легалноста на повлекувањето на директивата за еколошки барања
- Во писмото, Гарсија и Ајер наведуваат дека очекуваат од Мецола да го покрене „прашањето за заштитата на улогите на Парламентот и Советот во меѓуинституционалните процеси“ во ЕУ, обвинувајќи ја при тоа Комисијата дека ги злоупотребува на своите овластувања со несоодветно информирање на ЕП за своите намери, но и доведувајќи ја во прашање легалноста на нејзиниот план за повлекување на еколошката Предлог-директива.
Брисел, 25 јуни 2025 (МИА) - Лидерките на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), Ираче Гарсија и Валери Ајер упатија писмо да претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола со кое бараат од неа на утрешниот Самит на ЕУ во Брисел да го покрене прашањето околу најавите дека Еврокомисијата планира повлекување на Предлог-директивата за еколошки барања.
Во писмото, Гарсија и Ајер наведуваат дека очекуваат од Мецола да го покрене „прашањето за заштитата на улогите на Парламентот и Советот во меѓуинституционалните процеси“ во ЕУ, обвинувајќи ја при тоа Комисијата дека ги злоупотребува на своите овластувања со несоодветно информирање на ЕП за своите намери, но и доведувајќи ја во прашање легалноста на нејзиниот план за повлекување на еколошката Предлог-директива.
- Длабоко сме загрижени поради најавата дека Комисијата е подготвена, без претходни консултации, да повлече законодавен документ за чие усвојување преговорите се во завршна фаза. Иако го признаваме правото на Комисијата да повлече законски предлози како природна последица на нејзината моќ за законодавна иницијатива, очекуваме таа да се придржува до принципот на искрена соработка, наведуваат Грасија и Ајер во писмото.
Тие ја повикуваат Мецола да побара од ЕК да даде „валидни причини“ за одлуката за повлекување на предлогот, особено што тој е во последната фаза од процесот на преговори за негово усвојување.
- Сметаме дека оваа одлука би создала опасен преседан за нашите институционални процедури и за улогата на Парламентот како козаконодавец и сакаме да ја потсетиме Комисијата да не ги злоупотребува овластувањата што и се доделени со договорите (за ЕУ). Со оглед на горенаведеното, би ве замолиле, како претседателка, да ги браните интересите на Парламентот со силно спротивставување на планот на Комисијата, се додава во писмото.
Информациите дека ЕК планира повлекување на Предлог-директивата за еколошки барања дојдоа откако Италија соопшти оти ја повлекува поддршката за документот, со што се доведува во прашање неговото усвојување.
Последната рунда од разговорите во рамките на т.н. „тријалог“ меѓу ЕП, Советот на ЕУ и ЕК за Предлог-директивата требаше да се одржи денеска, но таа беше откажана на барање на Полска, која е актуелен претседавач со Советот на Унијата.
- Има премногу сомнежи и ни треба јасност од (Европската комисија) за нејзините намери, изјави претставник на Полското претседателство.
Претставник на Комисијата изјави дека таа е подготвена да ја преиспита својата намера за повлекување на предлогот, доколку биде отфрлен амандманот на Советот со кој се бара правилата да се однесуваат и за микро-претпријатијата.
Главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо во понеделникот изјави дека овој амандман „го искривува предлогот“ затоа тоа што го спречува постигнувањето на целите за поддршка на развојот на зелените пазари и за административно растоварување на најмалите претпријатија. сп/
Фото: МИА Архива