• четврток, 19 декември 2024

Софија, Букурешт и Анкара ќе потпишат Меморандум за деминирање на Црното Море 

Софија, Букурешт и Анкара ќе потпишат Меморандум за деминирање на Црното Море 

Брисел, 8 јануари 2024 (МИА) – Бугарија, Романија и Турција в четврток во Истанбул ќе потпишат Меморандум за разбирање меѓу трите влади за формирање Поморска група за расчистување на мини од Црното Море и за обезбедување на безбедност на морските патишта. 

Според најавите, по ова ќе следи процес на оперативно планирање на целата акција за да се изработат детални документи и упатства за активностите на Групата, процес кој би можел да потрае и неколку месеци. 

Трите земји, членки на НАТО, нагласија дека иницијативата останува отворена за учество и на други држави сојузници кои не се дел од регионот на Црното Море. 

Формирањето на Групата го иницираше Турција лани во август, со цел да се обезбеди сигурноста на поморските патишта во Црното Море по опасност од поставените мини по почетокот на руската агресија врз Украина. 

Причина за ваквата иницијатива се неколкуте случаи на несреќи со бродови во Црното Море, кои наидуваа на мини. Последниот инцидент се случи кон крајот на минатиот месец кога грчки товарен брод кој пловел под панамско знаме наиде на мина во Црното Море, при што експлозијата предизвика пожар на пловилото и беа повредени двајца морнари. 

По повлекувањето од Меѓународниот договор за извоз на украинско жито лани во јули, Русија соопшти дека секој странски брод во Црното Море ќе го смета за потенцијална воена цел. 

Потпишувањето на Меморандумот, доаѓа една недела откако Турција соопшти дека нема да им дозволи на два брода-деминери, донација од Велика Британија за Украина, да минат низ нејзините територијални води на пат кон Црното Море. Анкара уште претходно ги информираше своите сојузници од НАТО дека додека трае војната во Украина нема да дозволува воени бродови да минуваат низ Босфорот и Дарданелите. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан