• сабота, 23 ноември 2024

Соопштение од Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“

Соопштение од Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“
15 ноември 2022  Министерството за транспорт и врски ја злоупотребува енергетската криза за да им излезе во пресрет на градежната мафија и крупниот капитал со што ќе нанесе непоправливи штети на животната средина и ќе ни ги доведе во уште поголема опасност здравјето и животот на сите нас! На 20 октомври 2022 г. по скратена постапка во Собранието без никаква консултација со јавноста се усвоиле измени на Законот за градење со кои е овозможена ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА ИНДУСТРИСКИ ДИВОГРАДБИ ОД ПРЕРАБОТУВАЧКА И ЗАГАДУВАЧКА ИНДУСТРИЈА (Г2), ако тие во рок од една година од поднесувањето на барањето за легализација постават на своите кровови фотоволтаични централи! Катастрофални формулации и одредби содржи и најновата верзија на Правилникот за урбанистичко планирање која ЗХГ ја доби од Министерството, а која уште е отворена за измени. Со новите предложени измени на Правилникот на парцела која се води како земјоделско земјиште од прва класа без никаков проблем и процедура може да се инсталира ФВ централа! Така земјиштетото не мора да се пренамени во градежно (наводно во имотен лист ја задржува основната намена: земјоделско, шумско, итн), а во меѓувреме тоа што не се бара пренамена ќе ги прескокне вообичаените процедури за заштита на земјоделско земјиште и за заштита на шуми и добивање согласност од Министерството. Зад превезот на олеснување инсталација на фотоволтаични (ФВ) системи се овозможува прескокнување на секакви процедури! Предвидени се следните „олеснувања“:
  • Не важи заштита на високостеблеста шума
  • Не важи заштита на квалитетно земјоделско земјиште
  • Не важат правила за оформување парцели
  • Не важат правила за сообраќаен пристап
  • Не важи просторен план (кој и онака го немаме моментално!)
Што е уште полошо, горенаведените „олеснувања наменети за ФВ електраните“ важат и за други намени, како на пр. викендички, вили, рударство итн. Големи електрични централи: ХЕЦ, ТЕЦ, централи на јаглен, мазут, природен гас, јаловишта и пепелишта, нуклеарни електрани кои се вон опфат на урбанистички план ќе може да се градат според прост урбанистички проект, а не според ДУП! Заштитените подрачја се, исто така, на удар. Нивната заштита е уредена во плановите за управување, но како пример ќе го наведеме случајот со Националниот парк „Галичица“ кога имаше силен притисок од тогашната власт незаконски да се резонира заштитеното подрачје. Следствено, во заштитените подрачја не се изложени на ризик од масакр само заштитниот појас и зоната за одржливо користење, туку и зоната за активно управување и зоната за строга заштита стануваат лесна мета за неповратно уништување. Упорно се штитат градежната мафија и крупиот капитал со варијации на тема „стекнати права за градење со претходен план“. Добиваме како предлог исклучително провидни измени во Правилникот кои се гледа дека ги смислувал некој чијашто цел е да го каже истото со други зборови кои лесно ќе ги изврти во корист на „инвеститор“ кој ќе може да тужи и да добие на суд. Секако на штета на јавниот интерес и на обичниот човек. ЗХГ уште од мај годинава заедно со другите независни иницијативи се бори со Министерството за транспорт и врски за да спречи незаконски измени во Правилникот за урбанистичко планирање, а во меѓувреме далеку од очите на јавноста се носат криминални измени на Законот за градење! Иако веќе со месеци си предаваме верзии од Правилникот напред-назад, останува очигледна намерата на министерот за транспорт и врски да ги озакони злоупотребите во урбанизмот што ги пеплосаа и Скопје и сите наши скапоцени заштитени подрачја. Ќе може среде шума со помош само на урбанистички проект да се предвиди „викенд куќа“ со огромен габарит (неограничен со ништо!), без соодветен сообраќаен пристап (службено, преку парцелата на соседот кој нема ни да биде прашан). Коментарите кои ги доставивме до Министерството за транспорт и врски се достапни на овој линк. ЗХГ стои цврсто на ставот дека соларната енергија е обновлива енергија со минимум негативни влијанија врз животната средина, животните и човекот, меѓутоа со простата замена на еден со друг систем на злоупотреба, односно на еден со друг монопол, не се решава ништо! Инсистираме ФВ инсталациите да НЕ се поставуваат на неурбанизирано земјиште (greenfield) како што се земјоделско земјиште, ливади, шуми, итн. Наместо тоа, приоритетна локација да биде секоја соодветна кровна површина со цел да се спречи загуба на квалитетно земјоделско земјиште, шуми, зеленило воопшто, но и со цел да се обезбеди индивидуалните домаќинства, правните лица, вклучително јавните институции самостојно да произведуваат електрична енергија од сонцето. Институциите не смее да поттикнуваат централизација и монополизација на ресурсот како што е случајот моментално со сите енергенси. Најважно, не смее инвестициите во соларна енергија да се изговор за легализација на дивоградби! Понатаму, неопходно е министерот за економија драстично да ја подигне дозволената моќност за инсталирање од 6kw на најмалку 15kw за индивидуалните домаќинства и од 40kw на најмалку 120kw за правните лица. Вишокот произведена енергија што ќе се враќа назад во мрежата на домаќинствата и на правните лица да им се плаќа по фер цена која важи за сите произведувачи на електрична енергија. Централизацијата и монополизацијата на ФВ системите само го продолжува магичниот круг на енергетска неправда и енергетска сиромаштија! А злоупотребата на ФВ системите како параван за масакрирање на заштитени подрачја, зеленило и општо уништување на животната средина и условите за живот на обичниот човек, силно укажува на неподобноста на актуелните функционери и нужноста што побрзо да се заменат со луѓе кои искрено и посветено ќе работат за добро на сите. Според најновиот Извештај за состојбата со стакленичките гасови на Обединетите нации, доколку радикално не ги промениме општествата и економиите ние и/или нашите деца ќе го гледаме во живо изумирањето на човековата раса! Граѓанска иницијатива „Зелен хуман град“  ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан