• понеделник, 23 декември 2024

Советот на министри на БиХ ги поддржа договорите за слободен проток на луѓе во рамките на Берлинскиот процес

Советот на министри на БиХ ги поддржа договорите за слободен проток на луѓе во рамките на Берлинскиот процес
Бања Лука, 27 октомври 2022 (МИА) - Советот на министри на Босна и Херцеговина денеска даде согласност за потпишување три договори за слободен проток на луѓе, за што е постигнат договор во рамките на Берлинскиот процес. Членовите на Советот на министри на БиХ од Сојузот на независни социјалдемократи на Милорад Додик досега го блокираа усвојувањето на овие договори, инсистирајќи прашањето да се реши во рамки на иницијативата Отворен Балкан, чии членки се само Србија, Северна Македонија и Албанија. Станува збор за Договорот за слобода на движење со лични карти на Западен Балкан, Договор за признавање стручните квалификации на доктори по медицина, доктори по стоматологија и архитекти во контекст на Централноевропскиот договор за слободна трговија и Договорот за признавање на квалификација на високо образование на Западен Балкан. Конечната одлука за потпишување на трите договори е на Претседателството на Босна и Херцеговина. Членовите на Претседателството на БиХ треба да дадат согласност и за учеството на претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, на самитот на Берлинскиот процес на 3 ноември во Берлин. Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива што во 2014 година ја покрена тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, со цел да се поддржи мирна, стабилна и демократска иднина на Западен Балкан и да се унапреди регионалната соработка и евроинтеграцијата на регионот. бд/ссм/

Остани поврзан