• понеделник, 23 декември 2024

Советот на Европа одбележува 10 години од Истанбулската конвенција

Советот на Европа одбележува 10 години од Истанбулската конвенција

Стразбур, 6 мај 2021 година - Комитетот на земјите кои се дел од Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, позната и како Истанбулска конвенција, ја потврди суштинската улога на конвенцијата и ја повтори својата решеност да ги зајакне и забрза напорите во следната деценија за ставање крај на насилството врз жените и семејното насилство, по повод 10-годишнината од Конвенцијата, јави дописникот на МИА од Париз.

Искажувајќи ја својата „многу длабока загриженост“ за препреките што треба да се надминат со цел да се стави крај на сите форми на насилство опфатени со овој договор и да се осуди секоја иницијатива преземена за отстапување од пропишаните стандарди, Комитетот го поздрави „извонредното влијание“ на Конвенцијата во текот на изминатата деценија не само за спречување насилство, туку и за заштита на жртвите и гонење на сторителите врз основа на интегрирани политики. Тој исто така ги пофали невладините организации за одбрана на правата на жените за помошта во остварувањето на овој напредок. Меѓу 10-те „принципи“ изнесени во декларацијата, Комитетот ги повикува државите членки „да ги интензивираат своите напори за промовирање и целосно спроведување на договорот“.

Пред десет години, Истанбулската конвенција - најнапредниот меѓународен договор за спречување и борба против насилството врз жените - беше едногласно усвоена од владите на 47-те земји-членки на Советот на Европа. Додека Турција го најави своето повлекување (од јули годинава), 33 земји-членки го ратификуваа, а 12 други го потпишаа, заедно со Европската унија, но и земји надвор од Европа, како Тунис и Казахстан, сакаат да се приклучат.

Во текот на изминатите 10 години, Конвенцијата  ги мобилизира државите за да осигурат дека жените се подобро заштитени од насилство и дека сторителите на насилството ќе одговараат. Воведени се нови и невидени прекршоци во врска со сите форми на насилство врз жените, како што се малтретирање, присилен брак и осакатување на женски гениталии, таму каде што претходно не било случај. Државите ги сменија своите закони за да го засноваат делото на сексуално насилство и силување врз недостиг на слободно дадена согласност наместо употреба на сила. Воспоставени се бројни национални телефонски линии и нови услуги за поддршка на жртвите. Следењето на работата според Конвенцијата помага да се подигне свеста и да се промовираат позитивни промени.

За милиони жени и девојки, Конвенцијата раѓа надеж и поголемо чувство на безбедност. Нејзината цел е многу јасна и не може погрешно да се протолкува: да се бори против насилството врз жените и семејното насилство, кое непропорционално ги погодува жените и да го изнесе ова прашање на јавната сцена. Конвенцијата им помага на жртвите да зборуваат и им овозможува на професионалците соодветно да реагираат.

Жените честопати се соочуваат со насилство само затоа што се жени. Истанбулската конвенција има за цел да ги промени овие ставови - вклучително и преку образованието - да ги нагласи согласноста, идејата за партнер, почитта и еднаквоста. Секој,особено мажите и младите момчиња, треба да играат улога во спречување на насилството врз жените, како и во обезбедувањето одредби од Истанбулската конвенција за да се подобри квалитетот на спречувањето на насилството врз жените. тг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан