• недела, 22 декември 2024

Совети за нега на кожата со шеќер и сол

Совети за нега на кожата со шеќер и сол

Скопје, 21 септември 2022 (МИА) - Шеќерот и солта се незаменлив дел од готвењето, но според познавачите, може да се користат и во домашната козметика. Имено, од нив се прават пилинзи кои го чистат лицето и телото, како и мелем за испукани петици и лакти.

Морската сол се става во креми и течности за мачкање кои ја навлажнуваат, негуваат, чистат и омекнуваат кожата. Сепак, морската сол обично се препорачува за телото, бидејќи кристалите се поголеми и можат да ја повредат кожата на лицето, која е почувствителна. А, и ако има раничка или мозолчиња на кожата, попрепорачливо е шеќер за правење на домашниот пилинг. Постојат многу лесни рецепти за пилинг со морска сол. Може, на пр., да се измеша со малку лосион за тело. Советот потоа гласи - под туш, тријте ја кожата со движења на масажа, за да стане мазна и нежна. И обичната кујнска сол дома може да се претвори во одличен пилинг, што во умерена количина, може да се нанесе и на лице, претходно убаво исчистено... Се меша помала количина со масло од бадем или дрвото арган и потоа нежно се масира. Ова ќе ги отстрани црнките од лицето. Друг рецепт со иста намена е - мешање половина лажичка кујнска сол, сода бикарбона и лажица масло. По напорен ден, бањата со морска сол го опушта телото. Во неколку платнени ќеси се става 1-2 кг. морска сол. Тие се редат во кадата и се потопуваат во неа пред човекот да легне внатре. Бањата трае 10-15 минути. На крајот на летото многу луѓе имаат проблем со испукани петици, поради носењето сандали или отворени чевли. За омекнување на кожата тука се препорачува шеќер. Потребни се три лажици шеќер и две лажици маслиново масло. Тоа се меша и се нанесува на испуканата кожа. За сѐ тоа да биде поделотворно, се масира пет минути. Потоа кожата се мие со топла вода. Ова се повторува неколкупати неделно. Шеќерот, исто така, помага за суви лакти. Следниот рецепт гласи - измешајте две лажици шеќер со две лажици органско кокосово масло. Се меша сѐ додека не се формира еднолична погуста смеса и потоа се нанесува подебел слој којшто се трие со нежни движења на кожата. Оставете да делува 20 минути, потоа избришете го тоа, измијте со топла вода и исушете со крпа. Оваа постапка се повторува двапати неделно. За сјај на косата, пак, повторно е тука шеќерот на помош. Потребна е мала количина шампон, неколку капки етерично масло по ваш избор и две лажици шеќер. Ако косата е сува, се додава масло од портокал, грејпфрут или лимон. За чувствителен скалп, склон кон брзо мастење, советот гласи - користете масло од чајно дрво. Смесата се нанесува на влажна коса, се масира пет минути, па оставете уште пет минути и на крајот добро измијте со топла вода. Се препорачува ова да се користи еднаш на две недели.  си/паг/

Тагови

Остани поврзан