• петок, 22 ноември 2024

Собранието ја заврши расправата за избор на државен јавен обвинител, ќе се гласа во 13 часот

Собранието ја заврши расправата за избор на државен јавен обвинител, ќе се гласа во 13 часот

Скопје, 13 февруари 2024 (МИА) – Собранието во рамките на денешното продолжение на 140-тата седница ја заврши расправата по Предлогот за именување на јавен обвинител на Република Северна Македонија за која функција е предложен Љупчо Коцевски. Гласањето ќе биде во 13 часот до кога Собранието е на пауза.

Во расправата се пријавуваа само пратеници од опозицијата и имаше само една реплика од пратеничка од владејачкото мнозинство. 

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ во својот говор рече дека не и е јасно како Коцевски се одлучил да биде кандидиран за оваа функција на само 80 дена пред изборите.

-Претходниот јавен обвинител на овој, за кој е прашање дали ќе биде избран, му остави многу работа во борбата против корупцијата и криминалот кои се најголем проблем во државата. Дали овој обвинител сериозно ќе се зафати со борбата и дали ќе ги заврши големиот број предмети кои останаа незавршени ќе видиме, рече, Ласовска.

Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека и е сомнително зошто личност со богато искуство во адвокатурата прифати да биде кандидат за оваа функција.

-Како искусен и возрасен правник треба досега да ја има научено лекцијата дека СДСМ ни кафе не части бесплатно. Се прашувам дали кандидатот Коцевски уште од првиот ден на работа ќе докаже дека ќе постапува согласно неговите надлежности и доставената програма за работа или ќе ризикува да си ја уништи сопствената долгогодишна кариера заради не знам каков договор, рече Стојановска. 

Го повика Коцевски да размисли што е подобро за него, дали веднаш да покаже независност и вистинска борба со криминалот или, како што рече, веднаш ќе докаже дека ќе е последниот јавен обвинител назначен заради пазарење и партиски интерес.

Олга Лозановска од истата партија посочи дека под водството на Јовески комплетно се наруши угледот на македонското обвинителство и додаде дека корупцијата е најголем проблем во земјава и оти само 2,5 отсто од населението верува во судството.

Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Јавното обвинителство не е независен орган, а тоа го покажува и точката на дневен ред по која денеска се расправа, бидејќи републички јавен обвинител се бира на предлог на Владата. 

-Јавното обвинителство согласно нашиот правен систем речиси е орган на Владата. Тоа Владата го има сфатено и затоа во изминатите седум години го претвори во апарат за спроведување на нејзините интереси и за заштита на своите функционери пред се во делот на високиот криминал и корупција, рече Петрушевски.

Изрази надеж дека новиот јавен обвинител нема да биде како претходните и оти ќе се избори за финансиската самостојност на Јавното обвинителство, бидејќи токму преку финансиите, потенцира, Владата го контролира Обвинителството. 

По неговото излагање почна расправата за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Република Северна Македонија во прво читање. За оваа точка немаше пријавени за збор поради што веднаш заврши општата расправа.

Собранието во рамите на денешната седница го разгледа и Барањето за автентично толкување на член 368 од Законот за облигационите односи, поднесен од пратеникот Панчо Минов и заклучи дека не е оправдано. За сите три точки и за останатите 14 точки за кои е завршена расправата ќе се гласа во 13 часот до кога Собранието ќе биде на пауза. вј/нд/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан