СНСД: Додик ќе се трка за претседател на РС, Цвијановиќ за членка на претседателството на БиХ
- Ние мораме на нашите луѓе да им дадеме безбедност за РС, силна и стабилна, засега во рамките на БиХ, рече Додик, најавувајќи продолжување на политиката на преземање на овластувањата на ентите
Бања Лука, 1 јули 2022 (МИА) – На изборите што есенва треба да се одржат во БиХ, актуелниот член на претседателството на БиХ и поранешен претседател на РС, Милорад Додик повторно ќе биде кандидат за претседател на ентитетот Република Српска, а неговата најблиска соработничка, Жељка Цвијановиќ, која моментално ја извршува оваа функција, ќе се обиде да го наследи како член на Претседателството на БиХ.
Одлуката денеска и формално ја донесе Главниот комитет на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), партија која е под апсолутна контрола на Додик, кој веднаш најави борба за зајакнување на позицијата на РС, посочувајќи дека овој ентитет е само моментално дел од Босна и Херцеговина.
-Ние мораме на нашите луѓе да им дадеме безбедност за РС, силна и стабилна, засега во рамките на БиХ, рече Додик, најавувајќи продолжување на политиката на преземање на овластувањата на ентитетот од државата и зајакнување на односите со Русија и со Кина.
Претходно во два мандата Додик ја извршуваше функцијата претседател на РС, а поради законските ограничувања на изборите пред четири години повеќе не можеше да го прави тоа, па одлучи Цвијановиќ привремено да го наследи.
Таа во 2014 година веќе беше во трка за фотелја во Претседателството на БиХ, но ја загуби изборната трка од Младен Иваниќ, кој тогаш беше кандидат на здружената опозиција.
Сега Цвијановиќ за противкандидат ќе го има претседателот на Српската демократска партија (СДС) Мирко Шаровиќ, додека најсилен противник на Додик ќе биде Јелена Тривиќ од Партијата за демократски напредок (ПДП), актуелен претставник во Народното собрание на РС.
Додик и Цвијановиќ се под санкции од САД и Велика Британија како функционери кои се закануваат со спроведувањето на Дејтонскиот договор и се залагаат за сецесионистичка политика, чија цел е одвојување на РС од БиХ. сд/