• понеделник, 23 декември 2024

Скопје со години без лунапарк, одобрен е проект за изградба, урбанистите загрижени за локацијата

Скопје со години без лунапарк, одобрен е проект за изградба, урбанистите загрижени за локацијата
Скопје, 17 септември 2022 (МИА) - Град Скопје веќе подолго време нема лунапарк. Од 2017 година е затворен, негово обновување и модернизирање најавуваше најпрво поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски, потоа неговиот наследник Петре Шилегов, а сега и актуелната градоначалничка на главниот град Данела Арсовска, меѓутоа граѓаните, иако со огромно задоволство ја примија веста за реновирањето на лунапаркот, сепак пет години подоцна сè уште немаат можност да уживаат и да се релаксираат во она што им беше ветувано. Актуелното раководство на Град Скопје во февруари годинава одобри нов проект со кој се планира уредување на новиот лунапарк до 2024 година, а урбанистите изразуваат загриженост околу бројот на посетителите, ако се земат предвид сите постојни содржини во околината. Според Програмата за проектирање, изградба на забавен парк, набавка на опрема – реквизити и нивно монтирање финансиските средства за проектирање, изградба, набавка на опрема - реквизити и нивно монтирање ќе се обезбедат од буџетот на Град Скопје за 2022, 2023 и за 2024 година, што значи дека и нејзината реализација ќе се одвива фазно, во периодот од 2022 до 2024 година. Според програмата оваа година е наменета за проектирање, периодот од 2022 до 2024 за изградбата на инфраструктурата, супраструктурата и на објектите, додека набавката на опремата и на реквизитите и нивното монтирање, исто така, ќе се одвиваат во периодот од 2022 до 2024 година. – Советот на Град Скопје, во декември минатата година, го усвои буџетот на Град Скопје за 2022 година, заедно со неговите развојни програми за 2023 и 2024 година, при што во потпрограмата GAA, ставки 480 и 481, предвидено е изработка на проект и изградба на забавен парк, набавка на реквизити и нивно монтирање. Град Скопје со „Прима инженеринг“ ДОО – Скопје има склучено договор од 29.7.2021 година за изработка на проектно-техничка документација за изградба на забавен парк, позиционирање забавни реквизити и придружни содржини, во кој е предвидено да се постават реквизитите во согласност со склучените договори за набавка, транспорт и монтажа на реквизити за забавен парк – Скопје од 29.11.2016, од 29.11.2016, од 27.2.2017, од 27.2.2017, од 27.2.2017, од 27.2.2017 и од 27.2.2017 година, кои се со вкупна вредност од 130.485.698,00 денари, со вклучен ДДВ. Врз основа на новата проектна документација, ќе се започне со реализација на забавниот парк, прецизирано е во образложението на предлог-програмата. Арсовска на почетокот на годината изјави дека ќе се пристапи кон монтирање на реквизитите кои се веќе набавени, а се вклопуваат и во новата проектна документација, за паркот да биде функционален, но и оти дополнително ќе се набават 20 нови реквизити како што е предвидено со проектот. Новиот лунапарк, еден од приоритетите на Град Скопје, димензиониран е за три илјади посетители дневно Градоначалничката Данела Арсовска за МИА вели дека ова е еден од приоритетите на Градот. Арсовска нагласува дека проектот за изградба на забавниот парк е изработен врз основа на студија за тематски забавен парк и е димензиониран на околу 3000 посетители дневно, при што тврди дека ќе бидат задоволени сите современи стандарди за ваков вид содржини за корисниците. - Ова е еден од приоритетите, бидејќи станува збор за проект кој со години е на врвот на листата на барања на скопјани и е нешто кое ќе има додадена вредност за Скопје од повеќе аспекти. Во моментов се работи на последните дозволи за проектирање и изведба, од соодветните институции, по што се планира да започнат конкретните активности на терен, истакна градоначалничката Арсовска во изјава за МИА. Изградбата на ваков забавен парк бара прецизно планирање, подготовки и реализација, вели градоначалничката, па оттаму, додава таа и од комплексноста за неговата изградба произлегува потребата од соодветно буџетирање. - Градот Скопје ќе ја финансира изградбата на новиот забавен парк, преку фазна изградба, при што средствата за проектирање, изградба, набавка на опрема - реквизити и нивно монтирање ќе се обезбедат од Буџетот на Град Скопје 2022-2024 година, појаснува градоначалничката на Скопје. Изработените студии за изградбата на паркот, според Арсовска, укажуваат дека постојната локација е соодветна за забавен парк. - Новиот забавен парк се реализира во рамките на границите на поранешниот лунапарк и во проектот нема изградба надвор од она што е предвидено со проектот, а тоа се единствено реквизити за паркот, јавни тоалети, влез со билетарница и магацински простор за потребите на паркот и опремата во согласност со проектот, објаснува Арсовска. Според градоначалничката, обезбедувањето соодветен број паркинг-места е неопходно при изградбата на забавен парк од предвидената големина и тоа е предвидено со проектот. - Паркирањето за автомобили за потребите на овој комплекс се обезбедува во рамките на соодветните паркиралишта за јавна употреба, а дополнително предвидени се и околу 100 паркинг-места за велосипеди пред главниот и споредниот влез на забавниот парк, информира градоначалничката Арсовска. На локацијата на лунапаркот, со сите околни содржини, концентрацијата на луѓе може да достигне колку бројот на жители на поголем град од внатрешноста Во врска со прашањата поврзани со проектот, локацијата и капацитетите кои треба да се обезбедат за изградба на лунапаркот, МИА разговараше и со стручно лице во областа на урбанизмот. Иван Арсовски, како планер-урбанист, во врска со изградбата на лунапаркот на поранешната локација изразува загриженост околу бројот на посетителите ако се земат во контекст сите постојни содржини во околината, како што се Градскиот парк, Зоолошка градина, Градскиот стадион, спортските терени и другите градби. - Кога ќе ги земете во контекст сите околни (постојни) содржини: фудбалски стадион за 34 000 посетители, Зоолошка градина, дискотеки и сл. како и планираниот забавен парк, на овој простор во одреден момент можете да добиете концентрација на посетители/корисници колкушто има граѓани еден поголем град од внатрешноста. Сите овие содржини и број на посетители/корисници создаваат огромна инфраструктурна потреба, која, за жал, во моментов недоволна или, пак, планираната не е реализирана. Се надевам дека градот и институциите имаат алатки како да ја менаџираат оваа ситуација, објасни Арсовски. Тој смета дека пред да се започне со реализација на идеја за изградба на забавен парк, најнапред треба да се испита јавното мислење преку анкета со специфични „насочувачки“ анкетни прашања, со цел да се има основа за изработка на физибилити студија со точни влезни податоци и потреби на идните корисници. - Физибилити студијата треба да ја одреди најповолната локација од урбанистички аспект и тоа особено од големина на локација, сообраќајна поврзаност и пристап, стационарен сообраќај-паркирање, добро развиена мрежа на јавен превоз, енергетско и комунално поврзување, услови за обезбедување мерки за безбедност, заштита и спасување и тоа со особен акцент на евакуација за минимален временски период и друго, додаде Арсовски. Според него, засега сè тоа што се реализира е некако фрагментирано, стихијно, импровизација, дел по дел од нешто што би требало да претставува некаков огромен комплекс, кој никако да создаде функционална целина. - Тоа е така затоа што не постои стратешки планерски приод кон проблемот како задача, нема анкетно истражување на граѓаните како крајни корисници што сакаат, што би користеле, што им е потребно, односно многу битни информации за инвеститорот (кој и да е). Понатаму, конкурсни решенија со однапред дефинирани планско-проектни програми речиси и да не постојат или доколку ги има дел од нив се погрешно поставени, вели тој. Град Скопје како институција, како што рече, новите локации за вакви комплекси изминатите 10 години не успеа да ги активира, иако истите се поголеми и можат да примат и опслужат голем број корисници. - Единствената локација на која веќе се најавуваат некакви активности за изградба на забавен парк е постојната локација на некогашниот лунапарк Скопје, која е со ограничена површина и не постои можност за нејзино проширување. Тоа е така, бидејќи околината е со веќе реализирани наменски содржини и градби, изјави Арсовски. Доколку постои порив за некакво негово проширување вон неговите постојни граници и на сметка на веќе реализираната околина, во случајов постојниот Градски парк, Арсовски смета дека таквата идеја би била поразителна. Според него, изградбата на нов забавен парк на локацијата на некогашниот лунапарк треба да остане во постојните граници и да е димензиониран соодветно во рамките на тие граници со сите потребни мерки и стандарди за негово нормално и безбедно функционирање. Постоечките реквизити од лунапаркот се распоредени на други локации во градот Скопје Лунапаркот во Скопје беше единствено место од ваков тип кое го посетуваа огромен број луѓе од сите возрасти. Историјата на забавниот парк започнува со неколку забавни реквизити во далечните 1950-ти години од минатиот век на локација кај денешен објект „Езерце“ во Градскиот парк. На сегашната локација во Градскиот парк е преместен во 1973 година, кога прв пат бил изграден комплетен забавен парк со забавни содржини. [caption id="attachment_1771678" align="aligncenter" width="640"]Фото: Принтскрин/facebook.com Фото: Принтскрин/facebook.com[/caption] Во повеќедецениското постоење, како што може да се прочита на сајтот на ЈП „Паркови и зеленила“, лунапаркот неколкупати бил дополнуван со нови реквизити. Во април 2017 година забавниот парк на постоечката локација е затворен и започнати се градежни активности за изградба на нов забавен парк. Во овој период лунапаркот располага со следните реквизити: карусел 1, карусел 2, робот, туристички воз и пајтон. Постоечките реквизити се распоредени на две локации во градот Скопје, Парк „Авион“ во Ново Лисиче и објект „Езерце“ – Градски парк. Идејата за негово реновирање во модерен забавен парк со повеќе реквизити беше примена со огромно задоволство од граѓаните, но досега ваков вид забава можеа да најдат или во соседните земји или во оние привремени забавни паркови, како тој неодамна во „Борис Трајковски“, кои честопати не работат според прописите и не нудат гаранција за безбедноста на посетителите. Харис Сулејман Фото: Дарко Попов

Остани поврзан