• петок, 05 декември 2025

Склучени договори за изградба и адаптација на објекти за детска и социјална заштита со осум општини, Сингелиќ и Челопек ги добиваат своите први градинки

Склучени договори за изградба и адаптација на објекти за детска и социјална заштита со осум општини, Сингелиќ и Челопек ги добиваат своите први градинки

Скопје, 7 август 2025 (МИА) - Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани денеска потпиша договори за изградба и адаптација на објекти за социјална и детска заштита со осум општини.

Склучувањето на договорите, како што информира ресорното министерство, ја потврдува заложбата на министерството кое продолжува со силна поддршка на општините за развој на капацитетите за детска и социјална заштита, а со цел унапредување на пристапот и квалитетот на услугите кон граѓаните.

Прв пат детски градинки добиваат село Сингелиќ во Општина Гази Баба со капацитет од 60 деца и село Челопек во Општина Брвеница за 50 деца. Детски градинки добиваат и општините Зелениково (86 деца), Аеродром (265 деца), Валандово – село Пирава (52 деца) и Карпош – Влае, (144 деца).

Сите објекти ќе се реализираат во рок од осум до 18 месеци, согласно динамиката определена во договорите и техничките проекти.

Во рамки на политиките за унапредување на социјалната грижа потпишани се договори за два нови проекти: Кавадарци – дом за стари лица, со капацитет за 65 корисници и Штип – адаптација на постоечки објект во Центар за рехабилитација на деца/лица со попреченост, со капацитет од 24 корисници.

Вкупната вредност на објектите изнесува приближно 9 милиони евра.

- Со оваа значајна инвестиција, министерството и локалните самоуправи покажуваат посветеност кон создавање на подобри услови за раст и развој на децата, како и грижа за ранливите категории граѓани, преку соодветни објекти и современи услуги од областа на социјалната и детската заштита, се наведува во соопштението. мд/дма/

Фото: Министерство за социјална политика, демографија и млади

 

 

Остани поврзан