• недела, 22 декември 2024

Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Тунис, Имен Лажили Амари

Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Тунис, Имен Лажили Амари

Скопје, 31 октомври 2024 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска ги примила акредитивните писма на Имен Лажили Амари, новоименуваната амбасадорка на Република Тунис, со седиште во Белград.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска Давкова посочила дека двете држави имаат воспоставени дипломатски односи од 2019 година и дека покрај географската оддалеченост, како и припадноста на различни региони постои заемен интерес за посеопфатна соработка.

- Вашето денешно присуство овде го означува почетокот на едно важно поглавје во билатералните односи меѓу нашите држави и народи, што се надевам ќе се надградува и ќе се проширува сè повеќе, нагласила Сиљановска Давкова, соопштија од нејзиниот Кабинет.

Таа посочила дека постои голем потенцијал, за кој изразила убедување дека ќе биде соодветно искористен за натамошно унапредување на меѓусебните односи и за откривање нови области за соработка на економски, културен и меѓународен план, како и за размена на искуства и добри практики.

Амбасадорката Имен Лажили Амари во своето обраќање навела дека ја има привилегијата и голема одговорност да бидe прв амбасадор на Република Тунис во нашата земја и посочила дека приоритет за време на нејзината мисија ќе биде збогатување на билатералната правна рамка како основа за идна соработка.

- Убедена сум дека вашата континуирана посветеност на родовата еднаквост само ќе ги зближи нашите две земји, бидејќи Тунис, од нејзината независност во 1956 година, е пионерска земја во однос на промовирањето на статусот на жените, не само во регионот на Северна Африка и Блискиот Исток, туку и низ целиот свет, рекла новоименуваната амбасадорка на Република Тунис, додавајќи дека за време на нејзиниот мандат ќе настојува да ги зајакне врските меѓу двата народа, особено преку поттикнување на културните размени.

Претседателката Сиљановска Давкова на новоименуваната амбасадорка на Тунис и посакала многу успех во извршувањето на нејзината одговорна дипломатска мисија. цр/дма/

Фото: Кабинет на претседателката Сиљановска Давкова

 

 

Остани поврзан