• недела, 22 декември 2024

Сиљановска-Давкова: Комисијата се водела од конкретните дела, факт е дека личностите се негативни

Сиљановска-Давкова: Комисијата се водела од конкретните дела, факт е дека личностите се негативни

Скопје, 23 октомври 2024 (МИА) – Во врска со помилувањата на осуденици и реакциите за дел од нив денеска во јавноста, претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека сега гледа оти „личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот“, но дека Kомисијата за помилување се водела од конкретни дела и дека, иако таа потпишува одлуки и таа го има последниот збор, нема да се меша директно во нејзината работа. 

Претседателката за ТВ21 изјави дека кога ја конституирала Kомисијата за помилување, за која рече дека е составена од врвни експерти во оваа област и познавачи, рекла дека ќе ја почитува нивната работа. Како што рече, кога се даваат коментари, се заборава дека се анализира, пред се, делото.

-Јас веќе и имињата не ги знам, да бидам искрена, меѓутоа кога јас ги потпишав овие одлуки се водев од тоа дека во првиот случај, не го знам ни името како беше, делото е, пресудата е една година и три месеци и делото се однесува на неовластено поседување на оружје и на пет куршуми. Тоа е делото. Веројатно тие се воделе од ова. Да личноста, знам која е таа личност, но јас зборувам за работата на комисијата. Кај вториот случај се работи за дело кое е врзано со насилство или на некоја наплатна станица некоја тепачка и казната е шест месеци. Веројатно тие се воделе од ова заменувајќи ги обете, кај првата е година и три месеци, значи кога ги замениле овие казни со условна од три години. Да, личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот, тоа е факт, сега гледам јас тоа, но јас велам дека тие се воделе од конкретните дела. Претпоставувам дека има начин значи да се санкционира бидејќи да било делото членство во злосторнички здруженија и јас не знам какви опасни веројатно поинаку би било. Значи јас почитувам знаење, да, јас потпишувам одлуки, меѓутоа јас велам дека никогаш директно нема да се мешам во работата на комисијата. Точно е дека го имам последниот збор, но молам да се има ова во предвид, изјави Давкова, изјави Сиљановска-Давкова за ТВ21. 

Претседателката вчера донела одлука за помилување десет осуденици, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, Шенол Маслани од Арачаиново, за кој медиумите објавуваат дека е брат на Шенки Версаче, Акиф Раваманоски, член на наркокланот „Барон“, и Марјан Ефремов, првоосомничен во аферата „Шпион“. хс/дма/

Фото:МИА архива

 

Остани поврзан