• петок, 05 декември 2025

Ситуацијата во сириската Свеида е под контрола

Ситуацијата во сириската Свеида е под контрола

Дамаскm 20 јули 2025 (МИА) - Ситуацијата во градот Свеида е наводно под контрола по неколкудневното смртоносно насилство меѓу друзите и бедуините, според сириското Министерство за внатрешни работи.

Градот со мнозинство друзи е исчистен од сите племенски борци и судирите во населбите се завршени, се вели во соопштението. Сириската опсерваторија за човекови права, воена набљудувачка организација, соопшти дека има претпазлива смиреност.

Борбите во Свеида, кои избувнаа пред една недела, оставија стотици мртви и резултираа со ужасна хуманитарна ситуација и масовен егзодус на цивили од покраината, според активистите.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, побара борбите „веднаш да престанат“, во објава на „X“, и повика на прекин на силувањето и колењето на невини луѓе.

Речиси 1.000 луѓе се убиени од 13 јули како резултат на борбите во Свеида, соопшти Опсерваторијата со седиште во Велика Британија, која се потпира на мрежа од новинари во Сирија.

Друзите се религиозно малцинство кое произлезе од шиитскиот ислам и живее главно во Сирија, но и во Израел, Либан и Јордан. Свеида е нивно упориште.

По избувнувањето на насилството, сириските владини трупи интервенираа.

Израел соопшти дека има должност да ги заштити Друзите. Многу од нив служат во израелската војска. Порано оваа недела, Израел изврши воздушни напади во Свеида и врз владините институции во Дамаск.

Ситуацијата останува кревка во Сирија под новиот претседател, Ахмед ал-Шара, кој ја презеде власта по соборувањето на долгогодишниот владетел Башар ал-Асад пред шест месеци.

Иако новата администрација вети дека ќе ја врати стабилноста, етничките судири, насилството на милициите и терористичките напади продолжуваат да ја мачат земјата. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан