• среда, 20 ноември 2024

Сирски: Сложена ситуација во областа на главниот руски напад - правецот Покровск

Сирски: Сложена ситуација во областа на главниот руски напад - правецот Покровск

Киев, 1 септември 2024 (МИА) – Украинскиот врховен командант, генералот Олександр Сирски, денеска изјави дека ситуацијата во правец на главниот руски напад, правецот кон Покровск,  „е сложена“, но дека се носат неопходните мерки, без одлагање,пренесуваат британските медиуми.

-Ситуацијата во насока на главниот напад на непријателот е тешка, но сите неопходни одлуки на сите нивоа се носат без одлагање, рече Сирски на Телеграм, додавајќи дека, и покрај тоа што има предност во оружје и жива сила, руската армија трпи значителни загуби.

На 30 август, на состанокот на штабот на врховниот командант, Сирски изјави дека на фронтот се уште е најтешка ситуација во правец на Покровск.

Според утринските податоци на украинскиот Генералштаб, четвртина од сите воени судири во изминатите 24 часа се случиле во правец на Покровск.

Покровск е клучен логистички центар што го користи украинската војска за снабдување и засилување на своите војници на источниот фронт.

Властите на регионот Суми, истовремено, известија дека еден цивил загина, а четворица се ранети од руско гранатирање.

„Синоќа и утринава Русите извршија 18 гранатирања на пограничните територии и населени места во регионот Суми. Регистрирани се 47 експлозии“, објави окружната управа во Телеграм.

Во посебна изјава, украинските воздухопловни сили соопштија дека пресретнале осум од 11 руски беспилотни летала користени во синоќешните напади.

„Овој пат, окупаторите беа насочени кон украинското жито и логистика во земјоделскиот сектор, особено во регионите на Миколаев и Суми“, се наведува во соопштението, без да се дадат други детали.

Областа Суми се граничи со руската Курска област, каде што Украинците извршија инвазија на почетокот на август. Во меѓувреме, руските сили продолжуваат со туркањето кон стратешкиот град Покровск во источна Украина.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан