• недела, 22 декември 2024

Сиромаштијата во Аргентина достигна 52 проценти во првите шест месеци од владата на Милеи

Сиромаштијата во Аргентина достигна 52 проценти во првите шест месеци од владата на Милеи

Буенос Аирес, 27 септември 2024 (МИА) – Процентот на луѓе кои живеат во сиромаштија во Аргентина се зголеми на 52,9 отсто во првите шест месеци од 2024 година под претседателството на десничарскиот либерален економист Хавиер Милеи, покажаа официјални податоци објавени вчера.

Како што пренесува ДПА, стапката е зголемена за повеќе од 10 проценти во споредба со втората половина од 2023 година, покажаа податоците објавени од националната агенција за статистика Индек.

Стапката на поединци кои ги исполнуваат критериумите да се категоризираат како сиромашни се зголеми од 11 отсто во последните шест месеци од 2023 година на 18,1 проценти во првата половина од 2024 година.

Портпаролот на претседателот, Мануел Адорни пред објавувањето на извештајот на Индек рече дека податоците „ќе ја одразуваат суровата реалност низ која поминува општеството“ како „последица на популизмот што ја подложи Аргентина на толку многу години несреќа и пустош“.

Портпаролот рече дека борбата против сиромаштијата мора да почне со борба против инфлацијата, наведувајќи го падот „од 25,5 отсто во декември на 4 проценти денес“.

Адорни рече дека „во првите девет месеци од владата“ имало рекордни заеми за семејни хипотеки и за инвестиции. „Најголемата законска реформа во историјата е спроведена и сега има очекување Аргентинците да имаат подобра иднина“, додаде тој.

Аргентина е зафатена од тешка економска криза. Милеи, кој ја презеде власта во декември, рече дека сака да ја оживее втората по големина економија во Јужна Америка со радикална програма за штедење.

Неговата влада неодамна укина илјадници работни места во јавниот сектор, ги намали субвенциите и ги заврши социјалните програми.

Критичарите велат дека програмата за штедење на Милеи втурнува многу луѓе во сиромаштија и ја става во опасност иднината на земјата.

Аргентина страда од обемен државен апарат, ниска индустриска продуктивност и голема сива економија што ја лишува државата од многу даночни приходи. јт/

Фото: ЕПА архива

Остани поврзан