• недела, 22 декември 2024

Синдикат на УПОЗ: На повидок суспендирање на колективните договори

Синдикат на УПОЗ: На повидок суспендирање на колективните договори

Скопје, 22 јули 2024 (МИА) - Синдикатот на УПОЗ реагира на заклучокот на Владата со кој се задолжуваат буџетските корисници при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства, а јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост да бараат мислење од Министерството за финансии. 

- Некој повторно сака да го ограничи преговорите и потпишувањето на Колективни договори!!! Како да не се научија грешките од минатото? Дали на повидок е уназадување на правата кои произлегуваат од Колективните договори??Со заклучок од седница на Влада, министерот за финансии повторно ќе одлучува кој ќе може, а кој не ќе може да склучи колектив договор? Вака ли ќе градиме социјален дијалог?, прашува Синдикатот на УПОЗ во објава на „Фејсбук“.

Владата во вторникот го усвои ребалансот на Буџетот, а министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во средата на прес-конференција информираше дека се усвоени и неколку заклучоци.

Дел од заклучоците се - буџетските корисници се задолжуваат при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година и утврдените максимални износи на расходи на среден рок.

Јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост при склучување на колективните договори треба да побараат мислење од Министерството за финансии. 

Оние буџетски корисници кои остваруваат самофинансирачки активности и имаат неискористени средства во форма на салдо на сметки, тековното работење на институцијата наместо со буџетски средства да го финансираат со користење на средства од сопствените сметки.

Денеска и министерот за здравство Арбен Таравари во изјава за медиумите рече дека годинава не ќе може да се потпише колективниот договор за здравството и да се исплати зголемување на платите на здравствените работници. бак/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан