• петок, 22 ноември 2024

Синдикатот на УКИМ со предлог до МТСП спорот за нивните барања да се решава со медијација

Синдикатот на УКИМ со предлог до МТСП спорот за нивните барања да се решава со медијација
Скопје, 9 ноември 2022 (МИА) - Предлог за мирно решавање колективен работен спор поднесе Синдикатот на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје до Министерството за труд и социјална политика кое предлогот ќе го достави до Собранието како преговарачка страна во однос на склучувањето Колективен договор за високо образование. Во одреден законски рок, Парламентот треба да се изјасни дали прифаќаат решавање на спорот со медијација. Претседателот на Синдикатот на УКИМ, проф. д-р Ангел Ристов, за МИА изјави дека доколку Собранието го прифати предлогот, МТСП ќе назначи помирувач кој во законскиот рок од 20 дена ќе се обиде да се најде компромис и решение меѓу двете договорни страни за мирно да се реши спорот за нивните барања.  Тие не се однесуваат само на покачување на платите туку и по однос на правото на склучување  колективен договор кое, рече Ристов, е законски загарантирано. -Во спротивно, доколку не наидеме на позитивен одговор на нашите барања, тогаш вработените ќе донесат одлука што понатаму и дали ќе следува  штрајк, истакна Ристов и додаде дека согласно Законот за мирно решавање на колективни спорови, Собранието како основач и договорна страна е  обврзано во законски рокови да се произнесе дали постои волја за решавање на спорот или не, и потоа членството да одлучи за следните чекори. Во предлогот пратен до МТСП се наведува дека Синдикатот во повеќе наврати, преку ургенции, му ја соопштувал на претседателот на Собранието Талат Џафери за загрижувачката состојба со платите на вработените на УКИМ. -Господинот Џафери, кој е и овластено лице од Собранието на РСМ за склучување Колективен договор за високо образование на ниво на работодавач, заедно со претставници на министерствата за труд и социјална политика, за образование и наука и за финансии, со Сојузот на синдикати  на УКИМ почнаа преговори во ноември 2021  со цел склучување колективен договор за високо образование на ниво на работодавач, но преговорите не успеаја. До денес од страна на Собранието, и покрај тоа што во целост беше усогласен нормативниот текст на Колективниот договор, а во март 2022 година остана да се утврди само уште процентот на покачување на платите, нема никаков одговор, се наведува во Предлогот за медијација што Синдикатот на УКИМ го достави до МТСП заедно со сите нивни барања почнувајќи од 11 ноември 2020. Ристов вели дека се одлучиле за предлог за медијација затоа што поминале повеќе од 30 дена од состанокот во Владата и оттогаш не се повикани на нова средба. -На 4 октомври ние имавме средба во Владата. Нормативниот текст го усогласивме уште во номеври минатата година, остана уште делот за покачување на платите при што Собранието упати на Министерството за финансии кое е составен дел од Владата. Но, од тогаш до денес немаме никаков одговор. Затоа баравме и имавме средба со Владата каде првично изјавија добра волја дека ќе имаме уште една средба и дека ќе излезат во пресрет на нашите барања, меѓутоа ништо. Разумниот рок од 30 дена помина, немаме никаков одговор од страна на Владата, приморани  сме на овој чекор, да ја искористиме и оваа правна мерка што ни е на располагање пред да донесеме одлука дали ќе штрајкуваме или не по однос на нашите барања, изјави Ристов за МИА. хс/лв/      

Остани поврзан