Силен ветер го оневозможува учеството на воениот хеликоптер во гаснење на пожарот кај Галичник
- Хеликоптерот на Армијата кој се упати да учествува во гаснењето на шумскиот пожар над селото Галичник, не можел да дејствува заради многу силниот и променлив планински ветер, соопшти Центарот
Скопје, 2 мај 2021 (МИА) - Хеликоптерот на Армијата кој се упати да учествува во гаснењето на шумскиот пожар над селото Галичник, не можел да дејствува заради многу силниот и променлив планински ветер, соопшти Центарот за управување со кризи.
- Армискиот хеликотер со опрема за гаснење пожар е во близина на Галичник. Стигнал во најбрзо што можел, но не можел да дејствува, заради многу силниот и променлив планински ветер. Хеликоптерот е приземјен на најблиско можно место до Галичник и екипажот е подготвен да дејствува, согласно проценките за временските услови и силината на ветрот, а секако и се дури има и дневна светлина за видливост за летање и дејствување со хеликоптер за гаснење шумски пожар, се наведува во соопштението.
Претходно ЦУК информира дека денеска околу 13:30 часот добил информација за шумски пожар над селото Галичник.
Според ЦУК, пожарот зафатил борова шума на непристапен терен и заради засилениот ветар претставува потенцијална опасност за селото Галичник, но истовремено и за силите ангажирани за негово гаснење.
ЦУК информира и дека за случајот се известени и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Локалните едининици за противпожарна заштита (ТППЕ), Министерството за внатрешни работи (МВР), а и другите субјекти од Системот за управување со кризи (СУК), согласно процедурите за работа на дежурните регионални центри за управување со кризи. сп/
ФОТО: МИА Архива