• четврток, 19 декември 2024

СЗО повикува на итна акција по првиот потврден случај на колера во Либан

СЗО повикува на итна акција по првиот потврден случај на колера во Либан

Женева, 18 октомври 2024 (МИА) - Светската здравствена организација (СЗО) е вознемирена од првиот потврден случај на колера во Либан по избувнувањето на актуелната криза и соопшти дека итно работи на спречување на поголема епидемија.

Либанските здравствени власти неделава го потврдија првиот случај на колера во услови на ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах, поддржан од Иран.

Колерата е заразна болест придружена со дијареа и повраќање и се шири преку контаминација на вода, на пример кога залихите на вода се загадени со измет. Ризикот од појава секогаш постои кога многу луѓе мора да живеат заедно во недоволно хигиенски услови.

Во Либан повеќе од милион луѓе се раселени поради израелските напади во борбата против Хезболах. Многумина живеат во несоодветни услови во засолништата или на отворено и немаат пристап до чиста вода.

По повеќе од 30 години колера во Либан повторно се појави во октомври 2022 година, кога беа регистрирани над 8.000 сомнителни случаи, а до јуни 2023 година, кога беше крајот на епидемијата, починаа 23 лица. Болеста е особено опасна за малите деца .

Во моментов се во терк тестирања на луѓе и преглед на примероци од вода. Во соработка со партнерските организации, СЗО се обидува да обезбеди повеќе чиста вода за пиење и да го подобри отстранувањето на отпадните води. Дополнително, во земјава веќе се донесени медицински материјали за лекување на болни од колера.

Кампањата за вакцинација против колера траеше од почетокот на август, но беше прекината поради ескалацијата на конфликтот меѓу Хезболах и Израел.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан