• недела, 01 март 2026

Се спојуваат клиниките за кардиологија и кардиохирургија, се очекува поголем број интервенции и помалку административни пречки за пациентите

Се спојуваат клиниките за кардиологија и кардиохирургија, се очекува поголем број интервенции и помалку административни пречки за пациентите

Скопје, 1 март 2026 (МИА) - На предлог на Министерството за здравство, Владата на последната седница одржана на 24 февруари донела одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.

Во пишаната изјава на министерот за здравство Азир Алиу се наведува дека со донесената одлука за спојување на двете клиники, се формира единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, што овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман.

- Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства што ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот, смета министерот.

Во соопштението се додава дека на овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.

- Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми, нагласуваат од Министерството за здравство. бд/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан