Се празнуваше Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица во Лешочкиот манастир
- Православните верници од Тетовско и други места од државата вчера и денеска присусутвуваа на црковно-народниот собир во Лешок каде овие два дена се одбележува еден од најзначајните денови на

Тетово, 28 август 2021 (МИА) – Православните верници од Тетовско и други места од државата вчера и денеска присусутвуваа на црковно-народниот собир во Лешок каде овие два дена се одбележува еден од најзначајните денови на Македонската православна црква Успение на Пресвета Богородица-Голема Богородица. Празнувањето во Лешочкиот манастирски комплекс Свети Атанасиј и Света Богородица воедно претставува и централната прослава на празникот во тетовско-гостиварската епархија.

Одбележувањето на манастирската слава во манастирскиот комплекс Свети Атанасиј и Света Богородица во Лешок започна со празнична Вечерна богослужба, а денеска со Утрената богослужба и Света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше митрополитот тетовско-гостиварски г.Јосиф.
Беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а митрополитот г.Јосиф се обрати кон народот со пригодна беседа.
-Денес на Успение, ние не ја славиме смртта, туку заспивањето и вознесувањето, заминувањето на небото, воскреснувањето како со душата, така и со телото на Пресвета Богородица, која бдее над нашите души, чувајќи ги од злото и подготвувајќи ги за доброто и за вечниот живот. Празниците се определени од Светата Црква да се празнуваат, вели митрополитот г.Јосиф.

Празнувајќи го овој празник, подвлече тој, добра прилика е да се потсетиме за тоа како треба ние православните да ги праславуваме празниците.
-Еден празник достојно се прославува доколку го посетиме храмот Господов, доколку сме присуствувале на богослужението, доколку сме постеле, исповедале и како круна на сè, доколку сме се причестиле со Светите Христови тајни. Подготовките за овој значаен празник започнаа пред две недели, со почетокот на Богородичниот пост, а денес е централното чествување, порача владиката г. Јосиф.
Лешочкиот манастир е најмасовно посетен за овој празник, а Успение на Пресвета Богородица се одбележува и во црквите во Тетово, Брезно, Џепчиште и во месноста Ќелија во Теарце. ас/вг/