• четврток, 04 декември 2025

Се одбележува Светскиот ден на церебралната парализа

Се одбележува Светскиот ден на церебралната парализа

Скопје, 6 октомври 2025 (МИА) - Светскиот ден на церебралната парализа (ЦП) се одбележува секоја година на 6 октомври, со цел подигање на свеста за лицата со ова невролошко нарушување, прифаќање во општеството и истакнување на постигнувањата и достигнувањата на граѓаните кои живеат со таа состојба. Ова глобално движење, во коешто со посебни активности учествуваат најмалку 75 земји во светот, го свртува вниманието кон предизвиците во животот на лицата со ЦП и се залага за нивните права и сѐ поголема вклученост во општеството.

ЦП е една од најчестите причини за моторичка попреченост кај децата и возрасните лица. Научната дефиниција, според Светската здравствена организација - СЗО, вели дека церебрална парализа претставува група долгорочни и непрогресивни нарушувања што се појавиле во мозокот на фетусот или бебето во развој, коишто подоцна во животот влијаат на движењата и држењето на телото, што ги ограничува секојдневните активности. Моторичките нарушувања кај лицата со ЦП често се придружени со нарушувања на сетилата, когнитивните функции, комуникацијата, перцепцијата и/или однесувањето, и/или со епилептични напади. 

Meѓу попознатите светски личности со ЦП низ историјата, е Кристи Браун (1932 - 1981) - ирски писател и уметник, кој ја напишал автобиографијата „Моето лево стапало“ (My Left Foot). По книгата, е снимен и филм со истиот наслов, за којшто Даниел Деј Луис го доби „Оскарот“ за главна улога во 1990 година.

„Никогаш не дозволив моето тело да ми го диктира животот. Моето лево стапало стана мој глас, мој ракопис и моја врска со светот.“ Овој цитат ја покажува упорноста на Браун покрај сите пречки и неговата способност да се справи со ЦП преку сликањето и пишувањето со неговата „најсилна страна“ - левото стапало.

Други познати личности со ЦП се Зара Филипс - британска пара-спортска атлетичарка, Даниел Винер - глумец и активист за правата на лицата со попреченост, Џесика Коберн - американска активистка и мотиваторка, Ешли Бери - модел, Тони Сноу - британски пејач и композитор итн.

Има и одреден број стенд-ап комичари кои живеат со церебрална парализа и го користат хуморот и шегите на своја сметка за да ги предизвикаат стереотипите во општеството и, на тој начин - ги уриваат бариерите и ја подигаат свеста за попреченостите воопшто. Еве неколку имиња: Франческа Мартинез, Рози Џонс, Џеспер Оделберг, Тина Фримл.

Меѓу македонските познати личности со ЦП, се шахистот и веќе неколкукратен медалист Александар Стојчески, Марга Велеска (писателка), Јовица Блажевски (активист), Слободан Иванов (новинар, историчар и политиколог) и други.

Светскиот ден на церебралната парализа - 6 октомври е воспоставен во 2012 година од Меѓународната заедница на церебрална парализа (ИЦПС). Според последните податоци, со церебрална парализа како долгорочна состојба живеат околу 18 милиони луѓе ширум светот. Во Европа, се проценува дека околу 1,5 - 2 на 1.000 живородени деца имаат ЦП. За Македонија, нема прецизни и официјални податоци.  си/сд/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан