Селаковиќ од Прохор Пчински: Србија е за јакнење на политиката на добрососедство
- Српскиот министер за надворешни работи, Никола Селаковиќ, кој ја предводеше српската делегација на одбележувањето на Илинден во манастирот Прохор Пчински, денеска изјави дека Србија е за јакн
Белград, 2 август 2022 (МИА) – Српскиот министер за надворешни работи, Никола Селаковиќ, кој ја предводеше српската делегација на одбележувањето на Илинден во манастирот Прохор Пчински, денеска изјави дека Србија е за јакнење на политиката на добрососедство, јави дописникот на МИА од Белград.
- За тоа сведочи политиката на Србија, која е решена да ја зајакне политиката на добрососедство, соработка и заеднички живот со соседите. Така, како што е и во рамки на иницијативата Отворен Балкан, која претседателот Вучиќ ја иницираше со премиерите на Северна Македонија и Албанија, се обидуваме да покажеме колку духот на толеранција и пријателство е нешто што секогаш ќе го надмине духот на нетолеранција и непријателства, рече Селаковиќ за РТС.
Државнo-црковна делегација предводена од претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и српска делегација предводена од министерот Никола Селаковиќ денеска во манастирот „Св. Прохор Пчински“, положија венци и оддадоа почит кон Илинден и местото каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година.
Во параклисот на манастирот Прохор Пчински поставена е и спомен плоча за одржувањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, пред која се одржа и чествувањето на Илинден. об/цр