• петок, 22 ноември 2024

Секторот за урбанизам од Куманово ги отфрли шпекулациите дека нема да можат да се градат пониски згради и куќи вон централно градско подрачје

Секторот за урбанизам од Куманово ги отфрли шпекулациите дека нема да можат да се градат пониски згради и куќи вон централно градско подрачје
Куманово, 14 јули 2022 (МИА) - Измената на одлуката со која се дозволува искористеност на парцелите од само 30 отсто важи само за висококатници кои не се лепенки, не се однесува за пониски згради и ниту во еден случај за куќи, рече раководителката на секторот за урбанизам од општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска на денешната прес конференција. Таа ги отфрли шпекулациите кои почнаа да се шират во градот за донесената одлука на советот за изменување и дополнување на одлука за спроведување и планирање на површини за градење со намена А2 на парцели лоцирани вон градот. Пониските згради и висококатници кои се лепенки и понатаму ќе можат да се градат на 50 проценти од искористеност на працелата. - Не се работи за нова одлука, туку исклучиво за измена и дополна на одлуката која беше донесена во 2017-та година. Тогаш степенот на изграденост на зградите вон централно градско подрачје било да се донесени или нови урбанистички планови е намалена од 70 на 50 проценти изграденост. Последната одлука се однесува само на висококатниците, оние над 21 метар и повеќе висина кои се самостоечки, не допираат до ниту еден објект, рече Сларидис Јаневска. Таа се повика на правилник што е усвоен и според кој степен на искористеност на објектите може да биде од 15 до 30, Куманово го одбрал максимално дозволениот степен на искористеност. Според неа, на овој начин се обезбедува хумано живеење, повеќе слободен простор, повеќе зеленило, провев, право на сонце, светлина. Сларидис Јаневска вели дека одлуката се темели на уставните начела. Одговарајќи на новинарско прашање дали на овој начин ќе се зголеми цената на метар квадратен во Куманово која во одредени реони последниов месец достигнува 1.200 евра, Сларидис Јаневска рече дека нема да влијае и дека тоа исклучиво зависи од понудата и побарувачката. - Во моментов општината има издадено три одобренија за станбени згради, лоцирани покрај булеварот „Трета МУБ“, кај бензинска пумпа. Ниту една од нив не е висококатница, изјави Сларидис Јаневска. Таа ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека локалната власт има каков било селектиран пристап кон одредени инвеститори, бидејќи, како што појасни, при изработката на ДУП не се знаат потенцијалните инвеститори. Во некои планови има предвидено изградба на висококатници на „Трета МУБ“, кај „Проевце“ и во моментот која се гради на „Моша Пијаде“. - Доколку планот се усвои, повторно ќе му издадеме одлука во прилог на деталниот план за да се усогласи основниот проект со 30 проценти, а доколку планот се врати од Министерството за транспорт и врски, бидејќи е таму има забелешки што планерот мора да ги преработи, ние веднаш ќе му ги дадеме за сега да ги стави во самиот план, рече Сларидис Јаневска. Таа појасни дека и одлуката од 2017 важела ретроактивно и дека Уставниот суд кажал дека е законита. ам/цр

Остани поврзан