Седуммина загинати при пожар на траект на Филипините
- На траектот имало 124 патници и 10 членови на екипажот
Манила, 23 мај 2022 (МИА) - Пожар избувна на траект со над 130 лица на Филипините, а во несреќата загинаа седум лица, информираше денеска крајбрежната стража, јави ДПА.
Кога пожарот избувна, траектот бил на помалку од еден километар од својата дестинација во провинцијата Кезон, 67 километри западно од Манила.
На траектот имало 124 патници и 10 членови на екипажот.
Крајбрежната стража спаси 120 лица, од кои 23 повредени и пренесени во болница, додека седуммина се водат како исчезнати.
Според првичните информации, пожарот избувнал од моторниот дел на траектот.
На фотографии од сведоци се гледа пожарот на траектот, како и црн чад, додека поединци се во водата во близина, откако скокнале од бродот.
Германската новинска агенција наведува дека патувањето по море е клучната форма на транспорт на Филипините, а инцидентите се чести и во голем дел, се препишуваат на недоволно добри безбедносни стандарди и пренатрупаност.
На Филипините во 1987 година, траект се судри со танкер со нафта, притоа загинаа над 4.000 лица. бд/сд/