• понеделник, 23 декември 2024

Седумдесет години од првата национална поставка (1951-2021)

Седумдесет години од првата национална поставка (1951-2021)
Скопје, 9 септември 2021 (МИА) - Во објектот Даут пашин амам вечер во 20 часот ќе биде отворена изложбата со наслов „70 години од првата Национална поставка” (1951-2021), организирана по повод 70 години од свеченото отворање на првата Поставка во Националната галерија. Изложбата ќе биде отворена до 13 октомври, а свечениот чин на отворање ќе биде пропратен со музички настап. Од Националната  галерија информираат дека на изложбата ќе бидат застапени повеќе од 100 автори со околу 150 ликовни дела (слики, акварели, цртежи, графики и скулптури) подарени и откупени во периодот од 1948 до 1951 година. - Изложбата претставува уште едно потсетување на успешните работни почетоци на галеријата и на огромниот вложен напор на тимот кој тогаш ја водел Уметничката галерија (Борко Лазески и Никола Мартиноски), Комисијата за откуп на ликовни дела чии членови биле нашите извонредни познавачи на уметноста и ликовни авторитети – Димче Коцо, Лазар Личеноски и Димо Тодороски и државните институции кои несебично и со голема одговорност дале поддршка и придонеле тогашната Уметничка галерија да прерасне во храм на уметноста и двигател на културниот живот во Македонија. Во овој период направени се трите најзначајни чекори во постоењето на оваа институција: „Даут - пашиниот амам“ е адаптиран во галериски простор, формирана е богата галериска збирка и отворена е првата поставка од ваков вид во Македонија, посочуваат од Национална галерија. На 2 август 1951 година, на свеченото отворање на Галеријата биле изложени дела од современата македонска уметност, дела од современата југословенска уметност, икони од 14 до 20 век, копии од фрески и макети од македонските средновековни цркви. Погледот кон периодот на почетоците од формирањето на првата Поставка во тогашната „Картина” или „Уметничка”, а денес Национална галерија на Република Северна Македонија, навидум временски краток, но долг и богат, професионално претставува потсетување за вложениот напор, но и на резултатите кои се за почит и никогаш не треба да бидат заборавени. Куратори на изложбата се Славица Алексоска, Маја Чанкуловска Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова.фф/вј/

Остани поврзан